Штип не знае што да им прави на 1,5 милион евра

Штип, 06.02.2017

Пролетва ќе се навршат 20 години од моментот кога Штип го заврши последниот местен самопридонес со кој се обезбедија околу два милиони евра кои референдумски беа наменети за изградба на брана на Козјачка река и за решавање на прашања од областа на водоснабдувањето. Подоцна се покажа дека браната на Козјачка река не е некое решение за градот, па се донесе одлука за изградба на брана на реката Отиња кој минува низ централното подрачје на градот.

Во ова меѓувреме околу 500.000 евра им беа дадени на двете јавни претпријатија како позајмица кои овие пари не можеа и не можат да ги вратат на сметката на самопридонесот, поради што беше договорено позајмицата да биде вратена преку работа на браната на Отиња.

Отиња - јануари, 2015
Отиња – јануари, 2015

За изградба на браната пред ТВ камерите раце стиснаа градоначалници, претседатели на Советот на општината, претседатели на сите политички партии но и тоа остана само поза за пред јавноста.

На Штип и понатаму на трезорска сметка му стојат 1,5 милион евра, а и оваа градска управа, како и сите во изминатите две децении пред неа не знае(ше) како да ги искористи овие пари.

Деновиве во изјава за дневен весник, градоначалникот Илчо Захариев изјави дека тој уште во 2005 година бил за изградба на браната, зашто таа ќе имала повеќекратна намена.

Но, во ова меѓувреме Илчо изврши претумбација во мислењето. На почетокот од својот мандат, на новинарско прашање дали има во план да се гради браната на Отиња, тој беше дециден дека такво нешто не доаѓа во прашање додека е тој на оваа функција. –„Немам намера дополнително да го задолжувам градот, брана нема да се гради, Штип има други приоритети“,  рече Захариев на својата прва прес конференција во април месец 2013 година.

На Штип како мртво капитал кој не се оплодува зашто за парите на трезорска сметка не добива ниту денар камата, му стојат околу 1,5 евра пари кои граѓаните ги издвојуваа од своите плати, а фирмите од своите профити во перидот 1992-1997 година.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе