Штип, 07.05.2023
Општопознат е фактот дека локалните и регионални медиуми во Источниот регион се во тешка состојба кога работите се анализираат од секаков аспект. Финансиските можности се на границата на опстанокот, радијата и телевизиите работат со исклучително мал број вработени, програмата им е многу сиромашна, а тоа не било никогаш во богатата медиумска историја на овој крај.
Згора на се добар дел од општините немаат никаков локален медиум кој на жителите на односната локална заедница би им ги дал барем неопходните сервисни информации кои се од значење за нивнивното секојдневие, за нивните животи.
И во таа и таква атмосфера во јавниот простор во Виница и Кочани опстојуваше информацијата дека два медиуми ќе згаснат. Во Виница тоа беше Радио Ла Коста, а во Кочани Телевизија Канал 8. И двата медиума работат со многу мал кадар но беа и се од голема важност во информативната сфера во овие соседски општини.
Виничкото радио Ла Коста беше пред затворање кога интерес за него пројави младиот бизнисмен Бранко Ивановски кој го купи и вложува во него, кочанската телевизија Канал 8 доби нов сопственик во Горан Паунов кој најавува зајакнување на човечкиот (кадровски) потенцијал и во напредна технологија.
И кога се очекуваше конечен престанок на нивната работа, дојде убавата вест: радио Ла Коста е купено од нов сопственик, а исто таква вест дојде и од Кочани: дека ТВ Канал 8 продолжува со работа зашто телевизијата била купена од бизнисмен од овој град кој живее и работи во Скопје.
„Радио Ла Коста е единствениот локален медиум во Виница и општината. Виница и виничко си имаат свој живот, а важните аспекти на виничкото секојдневие мора преку етаблиран медиум да дојдат до сите граѓани. На времето Виница имала телевизија, радио и локален општински весник па и од тој аспект не смееме да останеме без медиум. Ние не можеме да очекуваме регионални или национални медиуми да го прават тоа што е наша обврска. Виничани треба и мора да знаат што се случува во нивниот град. Сега ни е потребно само кадровско и во мал дел технолошко зајакнување на што јас како сопственик силно сум посветен“, ни рече Бранко Ивановски, млад бизнисмен чиј потпис стои зад купувањето на радиото.
Кочанската Канал 8 телевизија е купена од бизнисменот Горан Паунов кој зад овој медиум стои како физичко лице.
„Свесен сум дека социјалните медиуми, порталите пред се, се доминантни во информативната сфера кај нас, па иако ги сакам и весниците и секој ден се дружам со нив, јас сепак сум подджувач на правилото дека само на телевизија информацијата може да биде дадена комплетно зашто медиумот го овозможува тоа. Ќе инвестирам во Канал 8 во кадар пред се, а потоа и во напредна технологија,а како сопственик ќе барам медиумот да работи строго професионално“, ни изјави сопственикот Паунов.
Ова е секако одлична вест во однос на состојбата со медиумите во овој регион, а очекувањата се дека и во други општини во кои нема локални медиуми, а ако ги има тие работат на работ од опстанокот, бизнисмени кои имаат пари и си го сакаат родното место ќе вложат и во опстанокот и развојот на локалните медиуми без кои ниту една локална заедница не е комплетна.