ШТИП: Koj ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник, Казанџиска, Кангалов, д-р Николов или некој четврти…
Штип, 12.07.2021
Меѓу членството на СДСМ во Штип се одвува смс анкета во која социјалдемократското семејство во регионалниот центар ги сондира мислењата во однос на прашањето која личност им е најприфатлица за кандидат за градоначалник на октомвриските избори за нови локални власти.
Анкетата се сведе на три имиња – Билјана Казанџиска, Александар Кангалов и д-р Сашко Николов, сите тројца вработени во Општина. Kaзанџиска е раководител на секторот за образование, јавни дејности и ЛЕР, Кангалов работи како раководител на секторот финансии, а д-р Сашко Николов е актуелен градоначалник.
Биљана Казанџиска има 53 години, и е со завршен Педагошки факултет, таа е и магистер по труд и социјална политика.
Александар Кангалов е актуелен претседател на Општинската организација на СДСМ, има 42 години, и е дипломиран економист.
Д-р Сашко Николов има 40 години и е супспецијалист, интервентен кардиолог. Тој е актуелен градоначалник на Штип.
Еден од чекорите за утврдување кандидати за можен градоначалник на Штип од редовите на СДСМ е широката консултација со членството. Претходно, три агенции го утврдувале рејтингот на 14 кандидати предложени во рамките на дебатат во Месните одбори на партијата, а од нив четворица поднеле комплетни документи по што од централата на СДСМ се определиле пред својата штипска база да ги проверат рејтинзите на тројцата спомнати кандидати.
Од централата на СДСМ и понатаму се прават анкети и во однос на други можни кандидати меѓу кои има и имиња на личности кои не се членови на СДСМ, односно немаат никаква партиска легитимација. Околу 13-15 овој месец ќе биде објавена листа на сигурни кандидати, која ќе се „прочисти“ до крајот на месец август кога целата оваа постапка ќе се сведе на едно име кое ќе биде кандидат за градоначалник од партијата која е на власт и во државата и во Општина Штип.
Тоа значи дека крајот на август е последниот датум до кој СДСМ јавно ќе ги објави името на кандидатот за градоначалник но и советничката листа на која ќе се најдат 23 имиња колку што Општината има советници.