Кочани, 02.03.2021
Јапонија, осведочен пријател на нашата држава, ја помага и Општата болница во Кочани. Во тоа име денес во Кочани се одржа пригодна церемонија на која амбасадорот на Јапонија во РСМ Хиронори Савада и д-р Александар Серафимов, директор на општата болница во овој град, а во присуство на градоначалникот Николчо Илијев, потпишаа договор за донација на болницата во медицинска опрема во скупна вредност од 47.863 денари.
Грантот е во рамките на јапонската програма за поддршка на мали проекти, како дел од јапонската GGP-програма за мали грантови за основни човекови потреби и безбедност на граѓаните во Република Северна Македонија.
Преку овој проект се обезбедени средства за набавка на нов дигитален ултразвук апарат и фетален монитор на срцев ритам. Проектот има за цел да се обезбеди висококвалитетна здравствена нега, преку навремена и прецизна дијагноза за сите пациенти во одделот за гинекологија во Општа болница Кочани.
Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 47 здравствени установи и обезбеди 31 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 49 општини во сите 8 региони во државата.
Јапонија ја поддржува Редпублика Северна Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствена нега, образование, животна средина, култура, спречување на природни катастрофи, справување со бегалската криза. Доделена е и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка.