РАДОВИШ Во годините на општа транзиција Радовиш го снајде еврејската клетва „Да имаш па да немаш“. Градот кој имаше голема вработеност, најмалку седум носечки фирми со над 2.000 вработени во нив се под катанец. Радовиш имаше развиено земјодели, дрвна индустрија, текстилство, тутун, фармација, производство на златен и сребрен накит, рударство, а денес остана само на рударството. На рудникот „Бучим“ и на фабриката „Декортекс“ купена од турска компанија во која некогаш работеле 500 а сега само 70 лица.
„Под катанец ни се „Јака табак“, „Јака 80“, ЗИК „Радовишко поле“, ШИК „Плачковица“, „Голд Мак“…Фирми кои до распадото на Југославија успешно работеа и беа познати на простор од 22 милиони народ. Да не ни останеше рудникот „Бучим“ на Радовиш можевме да му туриме пепел“, коментира градоначалникот Герасим Козулов.
Во општината со околу 28.000 жители од кои половина живеат на село каде тутунот е главен извор на егзистенција, бараат час побргу да се завршат стечајните постапки во споменатите фирми. Во некои од нив таа состојба трае над две децении.
„Тоа е нашето барање, нашата надеж овие фирми да бидат превземени од квалитетни бизнисмени за одново да бидат дел од нашата локална економија. Имаат тие свои потенцијали, се работи за големи изградени и уредени хали, за машини кои дел се можеби застарени но дел можат да бидат употребливи. Со нашата состојба го запознавме и премиерот Зоран Заев и тој ни даде надеж дека Владата ќе направи се што е во рамките на нејзините законски можности таа стопанска слика кај нас да се поправи“, вели Конзулов.
„Јака табак“ која вработуваше над 250 лица, а индиректно им служеше на 3.500 кооперанти, во стечај е над две децении. Се јавиле поголем број доверители, имотот е делен и поделен, што ја елиминира можноста од негово врааќање во првобитната состојба, да им служи на тутуноптоизводителите. А радовишка општина е втора по количините на одгледан тутнун, веднаш после Прилеп. „Јака 80“, како дел од фармацевтската индустрија во Македонија во стечај отиде пред дваесеттина дена, а „Декортек“ и новиот сопственик имаат друг вид мака.
„Деновиве сопственикот објави оглас за вработување на 50 нови работници, но интерес нема. А од фирмата говорат дека сакале бројот на вработени да се заокружи на 300. Но како? И младите од Радовиш ги зафати модата за одење во странство, никој не истражил зашто не сакаат тука да работат, дали се во прашање платите или нешто трето“, реагира градоначалникот Конзулов.
Интересен е случајот со „Голд Мак“ фабрика за златен и сребрен накит која беше создаден со капитал на рудникот „Бучим“, „Јака табак“ и „Македонија табак“. Фабриката, иако единствена од тој вид во годините по распадот на бившата држава, и како акционерско друштво – пропадна. Дознаваме дека побарување од него имаат фирми од повеќе држави, а најголемиот доверител во Радовиш не се појавил подолго од пет години. Каква ќе биде разврската и со овој колектив, засега не е се знае.
Но, и во Радовиш надежта последна умира.
„За Јака 80 имаме нова надеж. Овие денови не посети бизнисмен од Италија и се интересираше за овој капацитет. Ние му дадовме некои информации и го упативме во Агенцијата за странски инвестиции. Живееме во надеж дека ќе излезе нешто добро од тоа, а Радовиш има одлични мајстори изработувачи на накит“, вели Герасим Конзулов, таткото на градот.