Радовиш, 29.08.2021
Синоќа, на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, која воедно е и заштитничка на рударите, рудниците за бакар Бучим и Боров Дол во Радовиш, на пригоден начин го одбележаа празникот – Денот на рударите во Република Северна Македонија.
На денот во кој се чествува рударската професија, рудниците за бакар Бучим и Боров Дол на сите свои вработени им доделија парични награди, во чест за нивното залагање и нивната посветеност, а на најдобрите рудари, признанија и специјални парични награди за нивниот особен придонес помеѓу двата празника.
Наградите ги доделија генералниот директор на рудникот Боров Дол, Павло Кривинскиј и генералниот директор на рудникот Бучим, Олег Чусовитин, нагласувајќи ја важната улога која рударите ја имаат во нашето општество.
Парични награди за сите рудари, посебни награди за најдобрите, Бучим и Боров Дол покажаа однос и кон општините Конче, Штип и Радовиш на кои им доделија по 5.000 евра, одлично осмислена и организирана свеченост во Боров Дол по повод Денот на рударите…
“Секоја професија е почесна, но рударската професија заслужува посебна почит и признание. Без рударите немаше да имаме доволно електрична енергија или доволно греење, особено во денешно време кога овие работи се земаат здраво за готово, и никој не се прашува кој им го обезбедува сето тоа. Потребно е само да погледнеме околу себе и ќе сфатиме колку удобности од нашиот живот зависат од минералите извлечени од земјата. Рударите се причина што живееме лесно и удобно. Ви благодариме за сè што правите за нас! На сите наши вработени и колеги во рударската индустријата, им го честитам нашиот професионален празник Денот на рударите и им посакувам здравје, среќа и благосостојба. Нека е за многу години овој празник. Среќно!”, изјави Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.
Во своето обраќање пред присутните, генералниот директор на рудникот Боров Дол, Павло Кривинскиј, рече:
”Би сакал прво накратко да се осврнам на инвестицијата која го продолжува животниот век на Бучим. Поради исцрпување на рудните резерви, наместо неизбежното целосно затварање на Бучим на почетокот на 2021 година е изграден и отворен Боров Дол, со што се задржаа работните места на вработените, се создадоа нови работни можности и се продолжи традиција на рударство. За релативно краток период, успеавме да изградиме современ рудник, развиен во согласност според сите стандарди кои обезбедуваат одговорно и одржливо рударството. Во изминатиов период сите заедно работевме неуморно и одговорно и не дозволивме рударството во овој крај да згасне. Сите вие стоите зад овој наш успех. Благодарност до сите вас, горди сме на она што заедно го постигнавме! Овој празник е повод да се гордееме со луѓето што ја претставуваат рударската индустрија. Денот на рударите е симбол на сплотеноста, храброста и вложениот труд, затоа им се заблагодарувам на сите рудари за нивната неуморна посветеност и нивната работа. Длабок поклон!”.
Во чест на рударскиот празникот, покрај свеченото доделување на наградите, на општините Радовиш, Конче и Штип, на чија територија работат двата рудника, Бучим и Боров Дол доделија на секоја општина финансиски средства во висина од по 5.000 евра. Воедно, на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, заштитничка на сите рудари и на сите луѓе и на сите жители на Република Северна Македонија, во знак на благодарност кон Богородица, заштитничката која што ги штити сите рудари, рудниците обезбедија финансиски поддршка во висина од 4.000 евра, на Манастирот Света Богородица Пречиста во Кичево, за довршување на изградбата на започнатата манастирска чешма со покривање на кровот со бакар, со што на еден симболичен начин се поклонуваат пред заштитничката на рударите.
Официјалната свеченост се одржа во новоотворениот рудник за бакар Боров Дол, на отворено, со ограничен број на присутни, почитувајќи ги мерките и протоколите за заштита од Ковид-19. На манифестација, покрај рударите и почесните гости, присуствуваа и градоначалниците на Општина Конче, Благој Илиев, на Општина Штип, Сашко Николов и на Општина Радовиш, Герасим Конзулов.