„Водовод и канализација“ знае за проблемот со пукната цевка од која тече вода во дворот на фабриката ОХИС. Од јавното претпријатие денеска потврдија дека излегле на терен и дека е направен план нивните екипи утре да работат на санација на проблемот. Водата се заканува да ја поплави депонијата на ОХИС во која има илјадници тони канцероген линдан што би претставувало еколошка катастрофа за главниот град.
Од Градот Скопје денеска информираа дека не издале одобрение за санација на дефектот бидејќи интервенцијата не требало да биде направена на некоја од улиците кои се под нивна надлежност. Водата од водоводната цевка тече и денеска, поплавен е дел од дворот на ОХИС, а езерото доаѓа и во близина на депонијата од која се копа линдан, канцероген пестицид кој е забранет за користење.
„До Град Скопје нема барање за одобрение за санација на дефект на водоводна цевка кај Охис. Град Скопје дава согласност доколку потребата за интервенции е во регулациона линија на магистрални и собирни улици во надлежност на Град Скопје. За тековни работи надлежни се од ЈП Водовод и канализација“, посочуваат од Градот Скопје.
Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека нивните инспектори веќе двапати направиле увид во ОХИС, како и дека случајот е пријавен на дежурните линии на Водовод од страна на управителот на компанијата „Полиеко“, која е одговорна за ископ на опасниот отпад, како и од компанијата која е сопственик на комплексот ОХИС. Од таму посочуваат дека во Водовод знаеле за дефектот и дека веќе направиле обид да го санираат, но безуспешно.
„ДИЖС изврши увид на лице место, еднаш самостојно, вториот пат со полициски службеници, а за проблемот известен е и Центарот за управување со кризи. Комунициравме и со Градот Скопје, но, за жал, не успеавме да го добиеме директорот на ЈП Водовод и канализација, иако токму тие, заедно со Градот Скопје се надлежни за да го отстранат дефектот. Истекувањето вода подолг период може да направи безбедносен проблем на булеварот, но и на животната средина и здравјето, доколку водата навлезе во балонот и потоа се загадат и подземните води со измешана вода и отпаден линдан“, вели Дарко Блинков, генерален инспектор за животна средина.
Во ОХИС има мала и голема депонија со линдан. Во малата депонија има останато повеќе од 600 тони линдан, но и над 2.000 тони контаминирана земја, 1.000 тони контаминиран бетон, како и околу 70 тони жива. Веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан.
Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ-честичките.
Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.