Поминаа две и пол години од промовирањето на италијанската инвестиција на Попова Шапка, но и покрај бројните ветувања и изјави од властите, сè уште не е потпишан договор со италијанскиот инвеститор за ревитализација на овој планински туристички центар, а за тоа Владата на ВМРО-ВЛЕН молчи, пишува Порталб.мк.
Италијанската инвестиција во Попова Шапка доста помпезно беше промовирана од претходната влада, а сега, повеќе од една година, и од сегашната влада. Но, на терен нема никаква промена. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН не даде одговор на новинарските прашања за тоа, до каде е овој проект, зошто сè уште нема договор или дали Владата се откажала од овој проект.
Дека овој проект цело време се одложува, потврдуваат и во италијанската компанија „ТехноАлпин“, со која Порталб.мк веќе две години е во постојана комуникација.
„Во моментов сè уште немаме нови детали во врска со ова прашање. Целосно ја разбираме неговата важност и навистина го цениме и вашиот континуиран интерес и вашето трпение“, рекоа од „ТехноАлпин“.
Долго ветуваната италијанска инвестиција во Попова Шапка продолжува да се одлага и нема ни епилог, а ниту договор.
Властите постојано објавуваат нешто ново, а на терен нема никаква промена.
„TeхноАлпин“ на 19 декември 2022 година го презентираше својот план за развој на овој туристички центар. Планирано беше инвестицијата да се реализира во седум фази и да вреди околу 180 милиони евра.
Иако овој туристички центар е еден од најдобрите зимски центри на Балканот, тој со години е занемарен и таму досега нема никакви инвестиции. Еден од најголемите проблеми е урбанистичкиот хаос, дивоградбите, како и недостатокот на паркинг места.