Криминална група под истрага за фиктивно тргување со нафта и незаконски поврат на ДДВ

Тринаесет лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на  Хрватска се под истрага на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиска полиција бидејќи се сомничат дека учествувале во даночно затајување, даночна измама и перење пари. Досега се уапсени седум лица.

Како што информираат од Обвининителството, вчера е спроведена акција на повеќе локации низ државата, која е резултат на двегодишна предистражна постапка во соработка со Управата за финансиска полиција во која е откриено дека групата фиктивно тргувала со нафтени деривати и го оштетиле буџетот со незаконски поврат на ДДВ.

Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што го оштетиле Буџетот на државата во големи размери. Групата креирала мрежа од фирми преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку фирми што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација.

Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.

За уапсените членови на криминалната група Јавниот обвинител побарал притвор и судот определи мерка во траење од 30 дена, за останатите, петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката ќе биде определена во отсуство.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press