Почнува новата учебна година, овојпат, според министерката Јаневска, со сите учебници

Денеска започнува новата учебна година за 245.000 ученици, од кои 177.800 се основци и 67.200 средношколци. Како што информираат од Министерството за образование настава ќе има до 10 јуни, а исклучок ќе бидат матурантите за кои часовите ќе завршат на 15 мај. Министерката Весна Јаневска вчера најави дека има учебници за сите ученици, вклучувајќи ги и учебниците по странските јазици.

Јаневска рече дека започнува примената на нов електронски дневник кој има значително подобри перформанси од претходниот и наставниците ќе можат да се најават и пополнуваат податоци во секој момент.

„Вештачката интелигенција влегува во наставата. Со задоволство споделувам дека е изготвен сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичка и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели“, рече министерката.

Хроничниот проблем со недостаток на образовни асистенти Јаневска најави дека ќе се реши со зголемување на нивниот број во основното и во средното образование. Во основните училишта ќе се ангажираат 1346 образовни асистенти, а 130 во средните училишта. За прв пат годинава ќе се воведе и формално образование за децата на долготрајно болничко лекување. Тие, зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во својот клас или пак, наставникот индивидуално ќе работи со нив.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press