Бурхан Бектеши: Ме понижи само затоа што бев во инвалидска количка

Бурхан Бектеши од Скопје, лице во инвалидска количка, доживеал длабоко понижување од возачот на автобусот со број 19 (линија Скопје – Шуто Оризаре – Визбегово). Револтираниот Бектеши упатил јавен повик  на Фејсбук, во кој кажува дека возачот неколку пати одбил да му дозволи да се качи во автобусот само затоа што бил во инвалидска количка, што предизвикало тој да се почувствува навредено и понижено. Неговата приказна, која во суштина е дискриминација, доби внимание и поддршка од медиумите и пошироката јавност, пишува Порталб.мк.

Во разговор со Порталб.мк, Бектеши вели дека вакви инциденти му се случуваат постојано, но кои што кулминирале пред месец и пол. Според него, возачот не сакал да го земе со автобус, бидејќи, како што рекол, „ не работи рампата“. Бектеши вели се воздржал од некаква реакција, но дека го предупредил дека ќе објави на Фејсбук за немилиот настан. Тој му рекол „објави, мене не ми е гајле“, вели Бектеши.

„За волја на вистината, ова е многу сериозно, бидејќи се работи и за моето достоинство. Јас сум понижен, затоа што морав да излезам и по медиуми. За што? Поради една мала причина, само затоа што го мрзеше да стане, за минута работа“, рече Бектеши, покажувајќи длабоко чувство на навреда.

Тој нагласува дека има свои права, и покрај тоа што е во инвалидска количка.

„Зошто да не се осмелувам да зборувам? Кои се тие? Што имаш повеќе од мене за јас да не смеам да зборувам? И јас имам свои права, не е важно што сум во инвалидска количка“, вели тој.

Бектеши побара од Јавното сообраќајно претпријатие– Скопјe и од надлежните институции да преземат мерки против возачот. Побара возачот да биде отпуштен од работа, како и институциите да создадат заштитни механизми за лицата со попреченост.

„Да не ги затвораме очите пред овој срам“, вели тој.

 

Секојдневно се соочуваме со потешкотии

Порталб.мк постојано ги следи предизвиците со кои се соочуваат луѓето со посебни потреби во секојдневниот живот.

На 18 јули 2024 година двајца млади, Лавдрим Вели и Гадаф Мемети од Тетово, раскажаа за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со посебни потреби во јавните институции.

А на 17 август 2024 година, Рефик Ајети од Липково за Порталб.мк изјави дека недостатокот на рампи за инвалидски колички, лифтови и лошата инфраструктура го отежнуваат секојдневниот живот на лицата со посебни потреби.

Исто така на 23 септември 2024 година Ертан Шакири и Живко Милевски од здружението „Сос Вита“ во Скопјe зборуваа за тешкотиите и инфраструктурните проблеми со кои се соочуваат секојдневно.

Овој проблем не е присутен само во Тетово, Скопје, Куманово и Липково, туку во сите градови низ земјата. За ова земјата постојано е мета на критики од ЕУ. На пример, Европската Унија, во својот ажуриран годишен Извештај за човековите права и демократијата во светот за 2023 година, нагласува дека прашањето за дискриминација и маргинализација на лицата со попреченост останува проблем што бара решение.

Потсетуваме дека на 28 декември 2023 година, Владата на Република Северна Македонија ја усвои Националната стратегија за правата на лицата со посебни потреби 2023-2030, со Акциски план за националната стратегија за 2023-2026 година.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press