На 31 август, во самото срце на Широк Сокак во Битола, млад Албанец од Шведска беше принуден да ја соблече маицата што ја носеше откако група млади лица го нападнаа. На маицата имаше орел, симбол кој за едни претставува идентитет и гордост, а за други провокација и причина за омраза. Чувствувајќи се небезбедно, човекот ја предадал маицата на напаѓачите.
Тежината на овој инцидент е голема. Тој покажува како симболите кои сами по себе се неутрални, го добиваат значењето зависно од очите што ги гледаат. За едни тие се знак на припадност, за други предизвикувач на одбивност и агресија.
Реакциите беа моментални. ДУИ го осуди настанот како срамен и опасен, обвинувајќи ги државните институции и владејачките партии дека поттикнуваат национализам и толерираат говор на омраза. Тие предупредија дека овој чин не е изолиран, туку дел од поширока клима во која повиците на омраза од стадионите остануваат несанкционирани, а властите често гледаат на другата страна.
Навивачката група „Чкембари“ која стои зад нападот тврди дека инцидентот нема меѓуетнички предзнак и симболот на маицата го гледа како длабока провокација.
„Швеѓанецот што шеташе со принт од орел преку цела маица е длабока провокација спрема сите нас на кои ни се свежи сеќавањата од пред 20-тина години. Да не се прајме будали, под тоа знаме се колени нашите битолски херои. Битолчани се горди луѓе. Секој кој не бара, знај кај сме, салата и стадионот се наш дом. Битола е наш дом“, стои во објавата на фан страната на Пелистер.
Денешните граѓани се значително понетолерантни
Ова не е прв ваков инцидент во месец август, кога навивачките групи користеа говор на омраза со етничка конотација. Повторувањето на овие настани укажува дека проблемот не е изолиран, туку дел од поширока клима на нетрпеливост и национални тензии.
Политикологот Наим Илјази смета дека меѓуетничките односи не се толку пријателски колку што ни изгледаат на прв поглед. Денешните граѓани се значително помалку толерантни отколку што би требало, особено кога станува збор за градење на прогресивно општество. А проблемот најчесто се опишува преку познатата изрека дека „проблемите се големи колку што ги храните“, а во Македонија денес храниме омраза, ветувајќи ја како „слобода на говор“.
„Во време на избори и во клучен момент за Северна Македонија, стануваме сведоци на се поголема експанзија на реторика која се потпира на регресивни наративи, реторика што наместо да обединува, дополнително ја поларизира јавната сфера и граѓанинот. Ова не е само прашање на политичка култура, туку и на општествена одговорност, бидејќи демократските вредности не можат да се развиваат во средина каде што омразата и насилството се нормализираат“, вели Илјази.
„Правото на говорот, симболите и културните различности не смеат да предизвикаат омраза, тенката гранка што ја дели омразата од слободата на говорот треба да ја чувствуваме во секој миг. Нашиот социјален статус и етничката припадност не се докажува преку насилство, туку преку меѓусебно разбирање“, додава тој.
Илјази ваквото однесување го гледа како попречување на градењето на државата, бидејќи неконтролирана омраза е како бавно убиство на заедницата, а овие случаи се во корист и на малите политички групации. Насилството нема припадност, таа припаѓа исклучиво на криминалот па оттука и потребата за поригорозни и итни мерки против сторителите на насилството.
Младите и медиуми пред тестот на толеранцијата
Оживувањето на историскиот реваншизам и настаните од пред 20 години покажуваат дека институциите, заедно со сите партии на власт, не вложиле доволно во процесот на помирување и во едукацијата на младите за меѓуетничка почит и толеранција.
Дополнително, социјалните мрежи играат значајна улога во ширењето и зајакнувањето на овие тензиите. Ана Наумоска, магистер по правни науки и политиколог вели дека кога станува збор за социјалните медиуми во контекст на меѓуетничките односи, младите многу лесно стануваат потрошувачи на пропаганда.
„Главната причина за тоа е што голем дел од нив не се медиумски писмени, овој недостаток на медиумска писменост создава погодна почва за ширење радикални идеи, говор на омраза и предрасуди кои дополнително ги продлабочуваат постојните етнички поделби. Наместо социјалните мрежи да бидат алатка за дијалог, разбирање и градење доверба, тие се претвораат во платформа каде што омразата и дезинформациите се шират со голема брзина“, вели Наумовска.
Но и покрај ваквата ситуација таа сепак верува дека младите луѓе можат да создадат позитивни симболи и трендови на интернет, одвоени од конфликтите што постарите генерации сè уште ги носат со себе. За тоа да се случи, неопходно е да се работи со младите и свесно да им се понуди перспектива која гледа подалеку од стегите на минатите конфликти.
„Мора да се развива колективна свест за заедништво, за тоа дека сите живееме во ист свет и иста држава и дека независно од етничката или верската припадност, се соочуваме со исти проблеми: неправдата, корупцијата, нефункционалното здравство, застарениот образовен систем. Токму преку препознавање на овие заеднички предизвици младите можат да градат нови наративи на солидарност и да креираат симболи и трендови кои ќе го поттикнуваат чувството дека сите сме на истата страна“, додава Наумовска.
Соблечената маица не е само лична траума, тоа е огледало на нашето општество
Но, надвор од дневната политика се наметнува едно подлабоко прашање: како избираме да реагираме кога ќе се соочиме со симбол што не ни се допаѓа или не ја одразува нашата припадност? Дали прибегнуваме кон насилство и исклучување или пак прифаќаме дека симболите имаат различно значење за различни луѓе?
Токму овој избор е клучен. Во едно мултиетничко општество, тој определува дали ќе живееме во страв или во меѓусебна почит. Орелот на една маица не треба да има моќ да му го одземе на некого достоинството. Но кога институциите не реагираат, а омразата се релативизира во име на политиката, токму тоа се случува.
Поуката од Битола не е само за една маица, туку за итната потреба да се потврди дека ниту еден симбол, ниту еден идентитет и ниту еден граѓанин не треба да биде небезбеден во јавниот простор.
Пишува: Деспина Ковачевска
Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда.