Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека е „подготвен“ да премине во „втората фаза“ на санкции против Русија, но не појасни какви конкретни мерки би можеле да се преземат, објави Гардијан. „Да, подготвен сум,“ рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање додавајќи дека во наредните денови ќе се сретне со европските лидери и ќе има нов разговор со Владимир Путин.
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, изјави дека САД и Европската унија размислуваат за воведување „секундарни царини“ за државите кои купуваат руска нафта, со цел дополнително да се потисне руската економија и да се принуди Путин на преговарачка маса. Како главен купувач на руската енергија беше посочена Кина, а меѓу земјите е и Индија за која Трамп веќе воведе 50 царини на стоките, формално поради увозот на руска нафта, но и поради политички несогласувања со индискиот премиер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Трамп дека му овозможил на Путин „публицитет“ со средбата на Алјаска. „Жалосно е… Путин сака да се сретне со американскиот претседател за да покаже видеа и фотографии, но одбива средба со мене“, рече Зеленски за телевизијата Еј-Би-Си. Тој категорично одби средба во Москва, истакнувајќи дека Русија секојдневно ја напаѓа Украина со ракети. „Спремен сум за секаква средба, но не во Русија“, додаде тој.
Зеленски, исто така, побара силен одговор од САД по најголемиот досега руски ракетен напад врз Украина, во кој загинаа мајка и бебе, а првпат беше погодена клучна владина зграда во Киев. „Потребна е широка реакција од партнерите на оваа агресија. Сметаме на силен одговор од Америка“, нагласи тој. Специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, оцени дека нападот е сигнал дека Русија не сака дипломатски крај на војната.
Во други региони на Украина, руски минофрлачки напади повредија тинејџерка во Купјанск, а жена беше ранетa во напад со дрон врз Суми. Украинската армија, пак, соопшти дека извршила напад врз нафтоводот „Дружба“ во руската Брјанска област, нанесувајќи „сериозна штета“. Нафтоводот снабдува држави како Унгарија и Словачка, чии премиери имаат блиски односи со Путин.
Министерството за одбрана на Украина најави дека е во подготовка нов состанок на сојузниците на Киев, каде ќе се дискутира за воздушна одбрана и поддршка за длабоки напади врз територијата на Русија.