Полицијата ќе испитува дали вработени во Дрисла или пак надворешни лица имаат удел во пожарот што веќе неколку дена гори на депонијата, најави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој информира дека до вечерва, а најдоцна утре ќе биде затрупана со земја површината на која во моментов чади, заради што е донесена дополнителна механизација.
Во депонијата денеска има полициско присуство, а се прават и информативни разговори со вработени за да се утврди дали има вистина во наводите дека депонијата се потпалува. Ангелов вели дека менаџирањето со Дрисла е крајно непрофесионално, бидејќи ограда има само на еден дел, а речиси целата површина е незаградена и слободна за пристап на секој, што отвора можност за да се извршат и ваков тип на активности. Во изминатиот период имало уште три обиди за палење на депонијата, кои биле брзо и навремено решени.
„Се работи за површина од 85 хектари, на кои е заграден само делот кај влезот. Има камери за кои се сомневам дека функционираат, што ја прави депонијата лесно достапна за злонамерни кои можеле да го продолжат пожарот. Сега чадењето е драстично намалено и нема горење, така беше и вчера, но вечерта чадот се зголемил и имало горење што е сомнително“, вели Ангелов.
Тој информира дека поднел пријава до МВР, по која во моментов постапуваат полициски службеници кои треба да утврдат причини за запалувањето и дали некој од вработените учествува во овие активности или се тоа лица од надвор. Полицијата ќе биде присутна и во околината на депонијата во следните денови.
Ангелов вели дека лошото менаџирање на Дрисла се гледа и во загрижувачката состојба со исцедокот, кој слева и во моментов има направено езеро колку едно фудбалско игралиште со длабочина од 1,5 метри.
„Непознато е дали и колку се загадени подземните води, но очигледно е дека проблемот е голем и треба да се решава“, вели Ангелов.
Објаснува дека делот каде што е пожарот е во моментов делумно затрупан со помош на механизација, но заради тенсиот простор за движење на машините не може поефикасно да се работи. Ангелов информира дека на терен е присутна и тешка механизација на Гранит, а доколку не завршат до утре ќе побараат помош и од Бехтел и Енка.