Ќе се заштитува македонскиот рубин, геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и единствениот рубин во Европа кој природно се вади и обработува. Рубинот што се вади во Македонија е и естетски уникат, познат е како корунд со карактеристична малиново-розева боја, која се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура.
Тоа е единствен природен рубин во копнената Европа кој се обработува локално, заради што, покрај својата естетска и колекционерска вредност, е дел од културното и историското наследство на земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост започнаа институционален процес за заштита на рубинот за да се обезбеди официјален статус како заштитено национално минерално наследство. На средбата со министерката Сања Божиновска и претставници од сите институции присуствуваше и долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој ја пренесе историјата и значењето на секој примерок изработен со овој исклучителен камен.
„Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува
институционална заштита и признавање како национално богатство. Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост“, рече Божиновска.