Сопствениците непрописно го чувале отпадот во Трубарево, ОЈО почна истрага против четири лица

Основното јавно обвинителство Скопје, започна истрага против четири физички М.Д (56), Л.Д. (26), В.М. (43) и З.С.(59) и едно правно лице за загрозување на животната средина и природата со отпад за случајот со пожарот во Трубарево, во фирма за складирање на пластичен и електронски отпад. За првоосомничениот е доставен предлог притвор, додека за останатите тројца побаран е куќен притвор.

Како што информираат од Обвинителството, првиот осомничен, формално не бил управител на фирмата, туку тоа била неговата ќерка која е второсомничена, но реално настапувал како сопственик, а во меѓувреме непрописно складирал отпад на плацот во Трубарево. Тој бил управител на друго правно лице, а ја избирал фирмата на неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање.

Во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина и заради тоа што вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад.

Отпадот го складирале на парцелата во Трубарево каде предизвикале значително оштетување на  квалитетот на почвата и  воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.

Третиот осомничен е раководителот на подружницата, кој  постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако не бил вработен во фирмата сепак примал, складирал, сортирал и механички обработувал електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.

Заради таквиот тип на работење на фирмата, која чувала непрописно складиран отпад, кога настанал пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост.

Од Обвинителството информираат дека продолжуваат да испитуваат и потенцијална одговорност и на други лица.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press