Солидарност со протестот „Ниту една повеќе“ преку фотоактивизам

Во знак на солидарност со протестот „Ниту една повеќе“ заради последниот фемицид во кој жртва беше Росица Коцева од Велес, која заедно со својот татко настрада од раката на поранешниот партнер, фотографот Ванчо Џамбаски објави фотогалерија со 337 фотографии од протестот „Ниту една повеќе!“ кои се слободни за преземање и реобјавување.

Протестот започна на 18 септември пред Министерството за внатрешни работи во 17,30 часот и продолжи со блокада на бул. „11 октомври“ пред паркот „Жена Борец“ и Собранието.

Организаторите повикаа на протест против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните, полицијата, обвинителството и судовите кои дозволуваат да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди и покрај пријавувањето и повиците за помош и заштита.

Фотографија од албумот „Ниту една повеќе!“. Фото: Ванчо Џамбаски, CC-BY-NC

Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски, а со тоа и целото општество кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите. Според достапните податоци, само во последните пет години настрадале најмалку 20 жени како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство. Во ваква средина, секоја жена што во моментов се соочува со вознемирување, насилство, закани и/или демнење го носи ризикот да стане жртва на фемицид доколку институциите не постапат навремено во нејзин интерес и заштита.

Најновиот случај покажува дека законската рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите и поддршка од заедницата.

Фотоактивизмот нуди можност за граѓаните кои би сакале да ја искажат својата поддршка преку споделување на фотографии, видеа или линкови за настаните на кои не можеле да присуствуваат лично.

Така, фотографиите од галеријата „Ниту една повеќе!“ може бесплатно да се користат и од комерцијални и од некомерцијални медиуми, како и од индивидуи на социјалните мрежи, под единствен услов при објавување да се наведе и името на авторот, и по можност, линк кон изворот.

НИТУ ЕДНА ПОВЕЌЕ!

По објавувањето на галеријата, граѓани што учествуваа на протестот или не можеле да бидат присутни, но сочуствуваат со жртвите го споделуваат линкот или поединечни слики.

Ваквиот вид активизам претставува и поддршка за работата на непрофитните, малите и локалните медиуми, кои немаат можност да испратат фоторепортери на настани, поради ограничени финансиски и човечки капацитети.

Со објавување фотографии кои се слободни за користење им се помага и да избегнат ризик од тужби од комерцијалните фотографи и фотоагенции, чии слики објавени на интернет може да ги преземат без дозвола. Преземањето без дозвола ги изложува медиумите на тужби, бидејќи освен ако не е јасно назначено дека може да се употребат, се подразбира дека фотографиите „од интернет“ се заштитени според Законот за авторски и сродни права.

Фотографија од албумот „Ниту една повеќе!“. Фото: Ванчо Џамбаски, CC-BY-NC

Означувањето на фотографии слободни за преземање се користи преку нивно примена на лиценци Криејтив комонс, како во случајот на Џамбаски, или други лиценци како GNU, или пак давање во Јавен домен. Еден важен светски ресурс кои ги користи ваквите лиценци е Википедија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press