Меѓународен ден за универзален пристап до информации: Владата е најотворена во регионот, но стагнира во напредокот

Според Индексот на отвореност за 2024 година, исто како и претходната година, Владата на Северна Македонија е најотворена институција меѓу групите од извршната власт, министерства и органи на државната управа, исполнувајќи 77,32 % од критериумите. Во споредба со претходната година има забележано пад од минимален 1 отсто, кој се повторува втора година по ред.

Фондација за интернет и општество Метаморфозис го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации – 28 септември и потсетува на важноста на концептот на отворена влада кој опфаќа широк спектар на политики и практики кои овозможуваат нови начини на владеење и промовираат добро управување.

Анализирано од регионален аспект Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, чиј просек на владите е 60,17 % исполнување на индикаторите, резултатот на македонската Влада е многу добар, бидејќи шест години по ред во регионот Владата на Северна Македонија е на првото место во исполнување на индикаторите, но стагнира во напредокот од година во година.

„Отвореноста, како пристап и како вредност, овозможува подобро донесување одлуки, намалување на корупцијата и поефикасни јавни услуги за граѓаните. Преку транспарентноста, пристапноста, ефикасноста и интегритетот на инститциите, како принципи на демократското управување, и најновите резултати од истражувањето ја нагласуваме потребата институциите континуирано да ја унапредуваат својата отвореност кон граѓаните“, посочуваат од Метаморфозис.

Вкупниот резултат на извршната власт во Северна Македонија, Владата, министерствата и извршните органи, според Индексот на отвореност на извршната власт, во 2024 година има благ пад, односно достигнува 63,71 % исполнетост на индикаторите на отвореност, споредено со 2023 година кога достигна 67 %.

За прв пат по 9 години, од кога се мери отвореноста на институциите, на второ место се извршните органи со 57,79 %, а со најнизок резултат според Индексот, односно 56,02 % исполнетост на индикаторите се министерствата кои имаат пад на отвореноста од 8 % на индикаторите на отвореност споредено со претходната година.

Кога станува збор за практичната отвореност на извршната власт во процесот на донесување одлуки, напредокот стагнира. Седниците на Владата сè уште не се отворени за јавноста, ниту се пренесуваат, а објавувањето на записниците по седниците не обезбедува доволно информации за начинот на кој одлуките се донесуваат. И покрај често користениот термин „проактивна транспарентност“, граѓаните сè уште немаат пристап до предлог документите по кои работи Владата, а пред да бидат донесени одлуките.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press