Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага против тројца турски државјани кои се осомничени дека со закани по живот, изнудиле од друг државјанин на Турција, да им исплати 40.000 евра.
Според информациите кои ги има Обвинителството, оштетениот на 6 септември дошол во државава со намера да отвори фирма за градежништво и ИТ, а првоосомничениот, кој според досегашните сознанија се наоѓа во Дубаи, го контактирал, му се заканувал и му барал различни суми во износ до 70.000 евра. Му испраќал и пораки со заканувачка содржина дека ќе го најде и во Македонија и ќе го убие доколку не продолжи да му плаќа рекет.
„На 28 септември во земјава пристигнале другите двајца осомничени, од кои едниот внук на првоосомничениот и го контактирале оштетениот со намера да ги земат парите. Се договориле да се сретнат со жртвата во еден трговски центар, каде тој им предал коверт со обележани пари, по што изнудувачите биле уапсени,“ велат од ОЈО.
Обвинителите бидејќи процениле дека постојат околности за опасност од бегство, можност да се прикријат трагите или да влијаат врз сведоците, како и можност да го повторат делото, предложле на двајцата уапсени осомничени да им биде определена мерка притвор, а за првоосомничениот, се преземаат дејствија за негово лоцирање.