Иницијативата „Сите за Палестина“ утре, со почеток од 12 часот ќе организира протестен марш чија цел е изразување солидарност со палестинскиот народ и осуда на геноцидот во Газа. Настанот ќе започне пред споменикот „Симфонија на мирот“ на плоштадот Слобода, спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“, ќе продолжи по централното градско подрачје и ќе заврши пред зградата на Владата.
Како што информираат од иницијативата „Сите за Палестина“ настанот е дел од глобалното движење на солидарност со Палестина, кое сега го насочува вниманието кон итната потреба од непречен пристап на хуманитарна помош за Газа, како и кон праведна реконструкција под водство на палестинскиот народ. Организаторите нагласуваат дека задржувањето или условувањето на хуманитарната помош претставува прекршување на меѓународното право и дека владите и меѓународните институции мора да обезбедат надзор и одговорност за секоја опструкција на помошта.