Кондарко: Исправена е печатната грешка во гласачките ливчиња во Општина Ново Село, гласањето продолжува без проблеми

Утринава беше привремено прекинато гласањето на болните и изнемоштените лица во Општина Ново Село прекинато поради техничка грешка во редните броеви на носителите на советничките листи на гласачките ливчиња. Од ДИК реагираа брзо и техничките грешки беа поправени.

„Исправена е печатната грешка во гласачките ливчиња во Општина Ново Село и материјалот е веќе доставен. Гласањето таму за болните ќе се одвива непречено и сите ќе го остварат своето право на глас до крајот на денот“, рече денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко.

Како што истакна Кондарко, одговорајќи на новинарски прашања по јавната седница на ДИК, денешното гласање генерално се одвива без никакви проблеми, материјалот е навреме дистрибуиран од општински изборни комисии до соодветните избирачки одбори и граѓаните непречено го остваруваат своето избирачко право.

„Досега немаме никакви приговори и забелешки од ниту една општинска изборна комисија и од ниту едно избирачко место“, потенцира Кондарко.

Според него, податоци за излезноста засега нема, зашто гласањето трае до крајот на денот, а кога ќе заврши, ДИК ќе објави колку од пријавените лица за гласање во домашни услови и во старски домови го оствариле своето гласачко право.

„Пред завршување на гласањето, околу 16 часот, ќе објавиме пресек, а по завршување на гласањето ќе објавиме и целосен процент на излезност“, објасни претседателот на ДИК. Тој потсети дека не денеска, туку утре ќе бидат објавени резултатите од гласањето на овие категории лица.

„Така е по Изборниот закон и тоа е праксата на сите избори. Ливчињата од денешното гласање поединечно се ставаат во посебен запечатен плик и во гласачката кутија. Гласачките кутии и пликовите денеска не се отвораат и нема да се објават како резултати, туку се бројат утре, по завршување на гласањето заедно со сите други ливчиња во соодветните избирачки одбори и се евидентираат во соодветните ОИК.“, потенцираше Кондарко.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press