Кочани, 24.10.2025
В недела, 26 овој месец, во 10 часот ќе стартува спортско-планинската трка „Гратче траил 2025“. Стартот на трката е од спортско-рекреративниот центар „Бавчалук“. Ова ќе биде второ издание на овој настан кој премиерата ја имаше минатата година во организација на КПС „Осоговски орел“. Oрганизаторите најавија дека регистрацијата на учесниците и земањето на стартните броеви треба да бидат завршени до 9:30 часот.
Годинава патеката е поразлична во однос на претходната година зашто сега вклучува дел кој се трча околу езерото „Гратче“. Од СРЦ „Бавчалук“ во близина на Кочани патеката води кон водопадите на Голема Река, но се минува под селото Црвена Нива. На самите Водопади има станица за освежување. Потоа, патеката води кон местото „Мактеон“ во Горно Гратче, од каде следува спуст кој минува по круната на вештачкото езеро. Таму има втора освежителна станица, а потоа се трча по земјена патека од десна страна по течението на реката се до крајната цел.
Должина на патеката е близу 19 километри, а висинско искачување е 850 метри. Наградниот фонд за прво, второ и трето место во машка и женска конкуренција изнесува 6.000, 4.000 и 2.000 денари.
Во чест на починати членови на спортско-планинскиот клуб од Кочани во пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе бидат доделени две награди, првата за најмлад учесник која го носи името „Диме Димитријев“ и за највозрасен – наградата „Ѓорги Величков“.
Цената за учество е 800 денари. Во оваа сума е вклучен стартен пакет кој содржи стартен број, финишер медал, производи од спонзори, освежителни станици, храна, брендиран ранец и брендирани чорапи со логото на клубот.
