По дводневниот прекин што ги остави студентите во темница, во студентскиот дом „Никола Карев“ повторно има струја
Два дена студентите станари во домот „Никола Карев“ во Охрид немаа струја. За проблемот во домот станарите се обратиле до студентската платформа „Студентарија“ каде испратиле видеа како студентите учат и се движат со свеќи и без греење.
Во изјава за Мета.мк, попладнево директорот на студентскиот дом Жарко Куциноски изјави дека проблемот е веќе надминат и дека сега повтнорно има струја во домот.
Причината за укинување на струјата биле неплатени сметки за струја. Студентите сместени во домот, во изјава за Мета, велат дека во минатото немало прекини и дека се топлат со електрични греалки наместо со парно.
„Досега сме се топлеле со греалки кои работат на струја, а истите си ги носиме од дома. Кажано ни е дека парното е скапо, но сметам дека треба да го има“, изјави еден од студентите кој престојува во домот.
За случајот, министерката за образование и наука, Весна Јаневска посочи дека четири студентски домови имаат незавидна состојба со големи долгови, додавајќи дека тоа се должи на „недомаќинското работење“ на предходните менаџери.
„Луѓето кои се нафаќаат да раководат со студентските домови, треба да се свесни дека работата мора да се врши одговорно и посветено“ порача Јаневска, најавувајќи дека МОН ќе се вклучи во решавањето на проблемот и дека случајот ќе биде расчистен уште денес.
Јаневска оцени дека е неопходна промена на моделот на финансирање на студентските домови, посочувајќи дека постојниот пристап придонесува за влошување на условите за сместување. Таа предупреди дека не смее да се дозволи и другите домови да се соочат со исти проблеми, нагласувајќи дека „се работи за студенти“.
„Не е логично, студентски дом во Охрид да работи со загуба“, изјави Јаневска.
