Градот Скопје започна со рушење на дискотеките во Градски парк. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека започнало расчистувањето на делот каде што ќе се гради новиот Луна парк, како и дека објектите кои што се отстрануваат биле дивоградби.
Во декември минатата година започна јавната набавка за избор на фирма за проектирање и монтажа на новиот Луна парк, кој треба да се гради на површина од 84.000 квадратни метри. Ќе треба да има ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и други атракции за урбана забава. Ѓорѓиевски вели дека посебно внимание ќе посветат на пристапноста, какои дека Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со современи системи за безбедност, видео надзор и прва помош.
„Генерации деца беа лишени од место што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти. На овој простор ќе има место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно. Ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена, панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити“, најави Ѓорѓиевски.
