Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, поднела неотповиклива оставка од функцијата.
Во образложението на одлуката, Ристовска наведува дека се повлекува по сомнежите поврзани со нејзиното работење во Комисијата. Таа посочува дека во текот на целата своја кариера постапувала законито и совесно, изразувајќи жалење доколку одредени околности или можни административни пропусти придонеле за создавање сомнежи во јавноста.
Ристовска во дописот наведува дека во сите случаи кога постоела можност за судир на интереси барала изземање во согласност со законските прописи. Таа додава дека никогаш немала намера да прикрие информации и дека доследно ги почитувала законските обврски, нагласувајќи дека носителите на јавни функции треба да покажат висок степен на личен и професионален интегритет.
„Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски“, вели Ристовска.
На институцијата и посака успешен успешен и професионален придонес во служба на јавниот интерес.
