„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ СО НОВИ КАЗНИ: 45 евра за блокирана крстосница и паметни семафори што ќе го менуваат сообраќајот, ќе се казнува и за непрописно паркирање, запирање на коловози и тротоари

Системот „Безбеден град“ влегува во нова фаза со која Скопје добива поинаков пристап кон казнувањето и регулирањето на сообраќајот. Наместо драстични санкции, за т.н. „лоша проценка“ – кога возачот ќе остане заглавен во крстосница – ќе се изрекува казна од 45 евра.

Министерството за внатрешни работи најавува дека целта не е само казнување, туку подобрување на протокот на возила и дисциплината кај возачите. Системот сега ќе прави разлика меѓу намерно поминување на црвено светло и ситуациите кога возачите остануваат блокирани поради метеж.

„Паметен зелен бран“ за побрз сообраќај
Една од клучните новини е воведувањето на т.н. „паметен зелен бран“, кој треба да го зголеми протокот на возила на главните булевари за околу 30 проценти.

Промените вклучуваат:
координирано управување со семафорите преку централен систем,
динамично менување на времетраењето на зеленото светло според густината на сообраќајот,
укинување на фиксните тајмери кои се покажале како неефикасни.

Со ова, надлежните очекуваат помал метеж, помалку непотребни застанувања и намалување на загадувањето.

Камерите ќе казнуваат и непрописно паркирање
Во следната фаза, камерите ќе почнат да детектираат и непрописно паркирање, запирање на коловози и тротоари, со цел да се ослободи јавниот простор и да се овозможи непречено движење на пешаците.

Податоците од тест-периодот покажуваат дека бројот на прекршоци значително опаднал. Од првични 120.000 евидентирани случаи, бројката се стабилизирала на 500 до 800 дневно во втората половина на февруари.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press