Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива непречено и по претежно суви коловози, а интензитетот надвор од урбаните средини е умерен. Од АМСМ информираат дека на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
И покрај стабилната состојба на патиштата, од АМСМ потсетуваат дека до 15 март 2026 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на тековните временски услови.
Возачите се повикуваат на внимателност, особено на делниците кои минуваат низ клисури, речни долини и котлини, каде постои зголемен ризик од одрони. Како покритични се посочуваат правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во меѓувреме, одредени патни правци се под сезонски или времен режим на сообраќај. Патот Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица ќе биде затворен за сите видови возила до 31 март 2026 година.
Повеќе делници низ државата се зафатени со градежни активности. На Коридор 10, на потегот Прилеп – Битола, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101. Рехабилитација се врши и на дел од скопската обиколница, на државниот пат А2, каде е затворена левата лента, а движењето се одвива по средната и десната лента.
На експресниот пат Крива Паланка – Страцин во текот на денот има рачна регулација на сообраќајот поради градежни работи, додека во ноќните часови се користи семафорска сигнализација. Времен режим има и на делницата Гостивар – Стража, кај мостот на река Вардар, каде се одвива санација со наизменично пропуштање возила.
Поради реконструкција и санација, затворени се и одредени регионални правци, меѓу кои делницата Прилеп – Крушево – Сладуево, каде сообраќајот е пренасочен согласно поставената сигнализација. Градежни активности се спроведуваат и на автопатот А4 кон граничниот премин Блаце, како и на патните правци Подмоље – Охрид и Кичево – Охрид, каде возачите треба да сметаат на девијации.
