Министерството за здравство ги претстави најновите измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести, кои се објавени на електронскиот Национален регистар на прописи – ЕНЕР. Со нив се предвидуваат повеќе новини насочени кон поефикасно следење, пријавување и управување со заразните заболувања.
Една од клучните промени е проширувањето на листата на заразни болести што мора задолжително да се пријавуваат, со што здравствените институции ќе имаат појасна и побрза слика за епидемиолошката состојба. Паралелно, се усогласува и функционирањето на системот АЛЕРТ 2.0, синдромски механизам за рано известување и предупредување, кој се базира на анализа на симптомите и клиничките знаци кај пациентите.
Според министерот за здравство Азир Алиу, новите законски решенија носат и значаен чекор кон дигитализација на здравствениот систем. Предвидено е воспоставување електронски систем за пријавување на заразните болести, како и нови одредби што ќе овозможат користење интернет-платформи и паметни апликации за обработка и размена на податоци. Со тоа, како што посочува министерот, се зајакнува заштитата на личните информации и се намалува ризикот од нивна злоупотреба.
Измените опфаќаат и дополнителни мерки за јакнење на јавноздравствениот систем. Воведена е обврска за постојана едукација во областа на дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД), која ќе ја организира Институтот за јавно здравје.
Воедно, се проширува и листата на патогени што ќе се следат, а микробиолошките лаборатории ќе бидат меѓусебно поврзани преку информатички систем, со цел побрза размена на информации и поефикасен одговор на можни здравствени закани.
