Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разгледува можност за „намалување“ на воените операции на Блискиот исток, но истовремено САД испраќаат дополнителни воени сили во регионот, додека Иран се заканува со напади врз туристички и рекреативни цели ширум светот, објавија светските агенции.
Изјавата на Трамп доаѓа во момент кога конфликтот, кој трае веќе три недели, не покажува знаци на смирување. На социјалните мрежи тој напиша дека САД се „многу блиску до исполнување на целите“ додавајќи дека се разгледува можноста за постепено завршување на воените активности.
Сепак, овие пораки се во спротивност со чекорите на неговата администрација, која испраќа три дополнителни амфибиски јуришни бродови и околу 2.500 маринци на Блискиот исток. Според американски официјални лица, тие ќе се приклучат на повеќе од 50.000 американски војници веќе распоредени во регионот.
Претходно, уште една група од околу 2.500 маринци била пренасочена од Тихиот океан кон Блискиот исток, што укажува на значително зголемување на военото присуство, и покрај најавите за можно повлекување.
Конфликтот продолжува со интензивни напади. Израел соопшти дека Иран повторно лансирал ракети кон нивната територија, додека Саудиска Арабија објави дека во рок од неколку часа пресретнала 20 дронови над источниот дел на земјата каде се наоѓаат клучни нафтени капацитети.
Во меѓувреме, израелската војска започна нов бран напади во јужните предградија на Бејрут, при што се слушнале силни експлозии и биле забележани пожари. Според либанските власти, досега во нападите врз таа земја загинале повеќе од 1.000 луѓе, а над еден милион се раселени.
Иран, пак, преку својот воен портпарол генерал Аболфазл Шекарчи, предупреди дека „паркови, рекреативни зони и туристички дестинации“ ширум светот може да станат цели, што предизвика загриженост за можни напади надвор од Блискиот исток.
Во земјата, врховниот лидер ајатолах Моџтаба Хамнеи, кој ја презеде функцијата по смртта на неговиот татко Али Хамнеи, не се појавува во јавноста што дополнително ја зголемува неизвесноста околу внатрешната ситуација.
Воените операции започнаа на 28 февруари со заеднички напади на САД и Израел, со наводна цел за уништување на иранските нуклеарни и воени капацитети и промена на режимот. И покрај тоа, нема јасни знаци за постигнување на тие цели, ниту за евентуално политичко превирање во Иран.
Во конфликтот досега загинале повеќе од 1.300 лица во Иран, 15 во Израел и најмалку 13 американски војници. Војната веќе има значително влијание врз глобалната економија, со раст на цените на нафтата и нарушување на снабдувањето, што дополнително ја зголемува неизвесноста на меѓународните пазари.
Извор: Асошиејтед прес
