Угостителите со објекти на катот во Трговскиот центар  – блок А во Кочани во текот на наредната недела ќе мораат да ги отстранат времените градби

Кочани, 21.03.2026

Во текот на наредната недела во Кочани започнува големата операција за отстранување на времените градби-тераси поставени нелегално пред локалите на катот во трговскиот центар – блок „А“ со кои се завземани јавно прометни површини. Со овој потфат просторот на катот во Трговскиот центар во споменатиот блок ќе биде вратен во првобитната состојба. Ова значи дека плочникот пред локалите (сите пицерии) мора да биде целосно расчистен и прооден за минувачите, а не како сега, пешаците да се движат низ мал „тунел“ широк метар и половина, велат одговорните.

Како што е нагласено ова е последицата од средбата на градоначалникот Владко Грозданов со угостителите од пред два месеца кога е постигнат договор за отстранување на времените објекти на катот во Трговскиот центар,  што се третираат како бесправно изградени. Притоа, угостителите ќе добијат можност во определен временски рок и на сопствен трошок да ги отстранат градбите.

Подоцна, во согласност со важечките законски прописи, сопствениците на угостителските објекти ќе можат да побараат од надлежните во општинската администрација, да им одобрат користење на јавно прометната површина. Доколку добијат согласност за такво нешто, ќе можат да постават подвижни тенди, чадори и друга  опрема за вршење  угостителска дејност, но просторот што ќе го користат не смее да биде ограден. Ќе мора, според важечките прописи, да биде отворен од три страни.

Што се однесува до кафулињата на приземјето во Трговски- блок А во Кочани, тие веќе го направија она што се бараше однив и ги отстранија застаклените делови од локалите што се на јавна површина. Кај нив тендите нема да се отстрануваат.

Отстранувањето на времените градби-тераси од пред угостителските објекти, освен за објектите во Трговскиот центар блок А и Б, важи за сите  угостителски објекти на територијата на Кочани.

Денеска, иако е државен празник, претставници на комуналната и градежната инспекција на Општина Кочани беа излезени на терен и вршеа увид во состојбата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press