Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денес, пред јавноста ќе бидат претставени првите 17 лесни оклопни возила од типот „страјкер“, набавени преку стратешката соработка со САД.
Оваа испорака претставува дел од поширокиот процес на модернизација на Армијата, кој се реализира по моделот влада-со-влада, со фокус на зајакнување на мобилноста и оперативните капацитети. Во рамки на договорот се опфатени две категории возила, тактичките JLTV, чија испорака веќе е целосно завршена со вкупно 96 единици, и оклопните „страјкери“, од кои вкупно се планирани 42.
Настанот ќе собере висок државен и воен врв. Меѓу присутните ќе бидат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Присуство е најавено и од американската дипломатска мисија, преку заменик-шефот Никол Варнс.
Покрај нив, на презентацијата ќе присуствуваат и највисоки претставници од Армијата, вклучително и командантите на клучните оперативни структури. Централното обраќање пред медиумите се очекува да го има премиерот, кој ќе се осврне на значењето на оваа инвестиција за одбранбената подготвеност и меѓународната соработка на земјата.
