Судско-медицинска и балистичка анализа не успеала дефинитивно да го поврзе фрагментот од куршум пронајден при обдукцијата на десничарскиот политички активист Чарли Кирк со пушката пронајдена во близина на местото на убиството, додека федералните истражители продолжуваат со дополнителни тестирања, објави Гардијан.
Според судски поднесоци од одбраната на осомничениот Тајлер Робинсон (22), извештајот од балистичката анализа е „неубедлив“. Адвокатите побарале одложување на прелиминарното рочиште закажано за мај, наведувајќи дека им е потребно дополнително време за разгледување на обемниот доказен материјал, вклучително и балистичките резултати.
Иако извештајот од анализата не е јавно објавен, делови од него се цитирани во други судски документи, каде што се наведува дека не може со сигурност да се утврди дали куршумот потекнува од запленетото оружје.
Експертите посочуваат дека успехот на ваквите анализи зависи од состојбата и големината на пронајдените фрагменти. Балистиката се потпира на микроскопски траги што секое оружје ги остава на куршумот при истрел.
Обвинителството тврди дека располага со доволно докази за да продолжи со судење и најавува дека ќе бара смртна казна.
Робинсон се товари за тешко убиство во врска со пукањето на 10 септември на кампусот на Универзитетот во Јута. Тој сè уште нема поднесено изјава за вина.
Обвинителите истакнуваат дека ДНК што одговара на Робинсон била пронајдена на чкрапалото од пушката, на испуканата чаура и на две неиспукани муниции. Сепак, одбраната посочува дека форензичките извештаи покажуваат присуство на ДНК од повеќе лица на некои од предметите, што, според нив, бара подетална и посложена анализа.
Дополнително, според обвинителството, Робинсон наводно испратил порака до својот партнер во која навел дека го таргетирал Кирк затоа што „му било доста од неговата омраза“. Овој елемент би можел да игра значајна улога во утврдувањето на мотивот во текот на постапката.
