Воени сојузи на Западен Балкан: Дежурни надворешни непријатели за внатрешнополитичка стабилност

Пишува: Стојан Синадинов

Трилатералниот договор за одбранбена соработка што на 18 март 2025 година во Тирана го потпишаа Албанија, Хрватска и Косово веќе година дена е своевидно „погонско гориво“ за ширење на дезинформации и спинување од страна на Србија. Генерализирајќи ја наводната безбедносна закана и издигнувајќи ја на ниво на наративот за „антисрпски сојуз“ – со повикување и на лажни наративи од минатото – Србија го користи овој момент за создавање „свој“ воен сојуз со Унгарија и Република Српска, истовремено значително збогатувајќи го сопствениот воен арсенал. 

Заедничката декларација на Хрватска, Албанија и Косово – класифицирана и како меморандум, а не како формален договор за сојуз – има за цел да ја подобри безбедносната координација на Западен Балкан, зајакнување на одбранбената инфраструктура, споделување разузнавачки информации за борба против хибридните закани (кибер/дезинформации) и заеднички воени вежби. Хрватска и Албанија се фокусирани и на поддршка на интеграцијата на Косово во регионалните и евроатлантските структури, преку  поддршка за косовската војска во постигнувањето на стандардите на НАТО.

Зајакнувањето на воените врски, подобрувањето на интероперабилноста и борбата против хибридните закани што ќе се одвива преку заеднички обуки и трансфер на одбранбена технологија и поддршка на интеграцијата на Косово во НАТО предизвика силна реакција кај српските власти. 

Српскиот претседател Александар Вучиќ не само што ја критикуваше оваа декларација, туку и ги обвини земјите-потписнички и НАТО дека го кршат договорот за контрола на оружјето од 1996 година и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН. Иако декларацијата нуди отвореност за учество и за други земји од регионот, С. Македонија не планира да биде дел од оваа воена соработка. Косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци ја демантираше веста дека Бугарија како уште една членка на НАТО е подготвена да ѝ се приклучи на оваа воена соработка. Тоа веднаш беше демантирано, па „антисрпскиот сојуз“ од визурата на Вучиќ остана со еден член помалку

Воена соработка или безбедносна закана?

Во трилатералната Декларација е нагласено дека таа не е меѓународен договор или воен сојуз, па затоа и не имплицира никакви нови меѓународни или меѓувладини правни обврски меѓу државите, ниту пак, влијае на постојните обврски со други држави. Сепак, наративот на официјалните лица на Србија вели дека мирот во регионот е пред нова закана со формирање на „воени сојузи“.

Српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ пред година дена ја оцени оваа декларација како провокативна иницијатива на соседните земји, па затоа и претставува потврда за исправноста на стратешката инвестиција во зајакнувањето и модернизацијата на српските вооружени сили

За српскиот претседател Вучиќ оваа декларација е кршење на еден постар договор за субрегионална контрола на оружјето од 1996 година, тогаш потпишан од Хрватска, Босна и Херцеговина и Сојузна Република Југославија (од 2003 година државната заедница Србија и Црна Гора, а од 2006 година самостојни Србија и Црна Гора). Тоа, според Вучиќ, ѝ дава право на Србија засилено да се вооружува и да покрене иницијатива за воена соработка со други земји од регионот (Унгарија и Република Српска). Под тој изговор, Србија неодамна набави суперсонични ракети од кинеско производство за нејзините ловци-бомбардери МиГ 29. Во медиумите тие колоквијално беа наречени „загрепчанки“, бидејќи нивниот домет е околу 400 километри, колку што приближно изнесува растојанието меѓу Белград и Загреб. 

Мала дигресија. Како што примети поранешниот хрватскиот политичар и дипломат Божо Ковачевиќ, декларацијата за воена соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово е слична на Балканскиот пакт од 1953 година, склопен меѓу СФРЈ, Грција и Турција. Тогашна Југославија по раскинот со СССР склопила пакт со двете земји членки на НАТО како превентивна одбрана против советската експанзија, но тој не опстанал долго време заради политичко-воените судири меѓу Грција и Турција заради Кипар.

Во секој случај, колку што земјите од регионот ја зајакнуваат меѓусебната координација и координацијата меѓу НАТО и ЕУ, толку тој процес е причина за ширење на дезинформативни наративи. 

…Западот генерално е претставен во негативен контекст, додека Русија е спасител и заштитник на православието во регионот. НАТО е прикажан како агресивна организација која се шири близу до границите на Русија. Спутник, исто така, сака да ја преправи црногорската историја, претставувајќи ги во своите публикации одлуките на Подгоричкото собрание од 1918 година како легитимни и израз на мнозинската волја на граѓанитепосочи Милан Јовановиќ од Атлантскиот сојуз на Црна Гора на претставувањето на „Присуството на Русија во информатичката средина на Западен Балкан“ минатата година.

Блокада на „блокадерите“ со наводна антисрпска ујдурма

Дезинформациските наративи што ги шири Србија по повод Декларацијата на Хрватска, Албанија и Косово се одржуваат живи и заради продолжената политичка нестабилност во земјата. Граѓанските протести по падот на настрешницата на новосадската железничка станица, кој однесе 16 животи, варираат во масовноста на собирите, но „блокадерите“ не престануваат со барањата за спречување на корупцијата чиј носители се функционерите од владејачката Српска напредна странка (СНС) на Вучиќ. Тоа посебно е изразено во изборните периоди – како деновиве за време на локалните избори во десет општини –  кога „блокадерите“ се сатанизирани од страна на провладините медиуми „пуштени на најјако“.

Затоа реакцијата на српскиот претседател е постојано барање непријатели од соседството како причинители на протестите во неговата земја, користејќи ги и заплашувањата со наводно „македонско сценарио“ за рушење на неговата власт, а притоа ја злоупотреби и трагедијата со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во март 2025 година.

Манипулациите со целите на Декларацијата на Хрватска, Албанија и Косово се покажаа како одличен материјал за креирање дезинформациски наративи за наводното загрозување на безбедноста на Србија од сите страни, освен од Унгарија.

Хрватскиот аналитичар Јасмин Клариќ потсети дека постојат и други пишани документи, постари од толку споменуваната Декларација, и со повисок степен на важност.

Кога се зборува за воена соработка, на сила е многу посилен документ од декларацијата која пред една година во Тирана ја потпишаа тројцата министри. Се вика Договор за воена соработка на Хрватска и Србија, а го потпишаа во 2010 г. двајца министри за одбрана. Бидејќи не се работи само за декларација, туку за сериозен воен договор, во Хрватска за него расправаше и го усвои Хрватскиот сабор. Не само тоа, туку четири години подоцна започна размена на специјализанти на високи (воени, н. заб.) школи, а одржана е и заедничка воена вежба под назив „Заеднички одговор 14“. Како што со текот на времето односите меѓу двете држави се влошуваа, нови заеднички маневри на двете војски немаше, но договорот и натаму е во сила, пишува Клариќ.

Полскиот сајт за проверка на факти „Правда“ во експлејнер посветен на техниките на дезинформациските наративи посочува дека тие сè повеќе се базираат на едноставен, но ефикасен механизам – генерализација.

Од поединечни случаи и историски епизоди, се создава слика за целата нација: „сите се такви“. Како резултат на тоа, емоциите ги заменуваат фактите, а колективните стереотипи ја заменуваат индивидуалната проценка. Овој механизам, добро опишан во социјалната психологија, ги зајакнува стравовите, поделбите и чувството на опасност...

…Важно е што студиите за динамиката на стереотипизирањето покажуваат дека тенденцијата кон генерализација расте особено кога групата што се проценува себеси е во состојба на неизвесност или чувство на опасност – економска, културна или егзистенцијална. Со други зборови, колку е посилно чувството на фрустрација и несигурност во општеството, толку е поголема тенденцијата за создавање поедноставени категории и поделби на „ние-тие“вели анализата на „Правда

„Живееме во мир, а се подготвуваме како утре да ќе има војна“

Ако актуелната српска власт малку подзаборави на наводното „македонско сценарио“ за рушење на Вучиќ, актерите во него сепак малку се дополнуваат – на Хрватите, Албанцте, Бошњаците… можно е да им се придружат и Бугарите, нормално заради Македонија.

Владимир Ѓукановиќ, народен пратеник во српското Собрание и член на претседателството на владејачката СНС на Вучиќ, за заканите по безбедноста на Србија и бугарската закана кон Македонија како изговор за вооружување, во неодамнешната колумна во белградска „Политика“ вели:

Воениот сојуз што беше склучен меѓу Загреб и Тирана, каде што намерно ја изоставувам Приштина, со оглед на тоа што Косово и Метохија е составен дел од Србија, и повторно мора да се истакне дека таканаречената Приштина е всушност Тирана, секако е насочен исклучиво кон Србија. Зошто инаку би се создал нов воен сојуз меѓу Хрватска и Албанија во рамките на воено-политички совет, како што е НАТО? Кон кого друг би можел да биде насочен таков воен сојуз? Можеби нема да тргнат против Унгарија или Австрија? Можеби на Турција? Сето тоа е смешно, бидејќи е јасно како ден дека овој сојуз, кон кој можеби ќе се приклучи Бугарија во одреден момент со своите аспирации и стремежи во Северна Македонија и Југоисточна Србија, секако во зависност од тоа кој е на власт во Бугарија, е насочен исклучиво кон Србија

Функционерот на владејачката СНС, интересно, ја користи познатата формулација за „живееме во мир, а се подготвуваме како утре да ќе има војна“, што беше „оченаш“ на воената доктрина на Титова Југославија. Од друга страна, пак, не изостанува ниту поддршката на руските медиуми околу наративот за военобезбедносна загрозеност на Србија, особено засилена околу датумот 24 март, кога Србија ја одбележува годишнината од почетокот на бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година.

По тој повод Москва оцени дека воената интервенција од 1999 година стана „трагична пресвртница во историјата на српскиот народ, катастрофален удар врз системот на меѓународното право и темелите на безбедноста во Европа воспоставени по Втората светска војна“.

Балканската редакција на „Раша Тудеј“ тврди дека иако „Белград водеше политика на воена неутралност, позиционирајќи се како стабилизирачка сила во регион сè уште прогонуван од нерешеното наследство од 1990-тите, а Србија балансираше меѓу Истокот и Западот, одржуваше отворени канали со Брисел, Вашингтон, Москва и Пекинг и ги избегнуваше ригидните сојузи што историски го претворија Балканот во геополитичко бојно поле, сепак неутралноста на Србија е под притисок, па „нејзиниот одговор е умерен, но јасен. Плановите за значително проширување на воените капацитети во текот на следните 18 месеци одразуваат поместување кон одвраќање. Повторното воведување на задолжителна воена служба, иако за краток период, сигнализира поширока мобилизација на националната отпорност.“

Во тој тон се огласи и Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, тврдејќи дека Хрватска, Албанија и Косово ја операционализираат воената соработка како надрегионален воен блок, односно сојуз кој предвидува зајакнување на воениот потенцијал, заедничко купување оружје и развој на воената индустрија.

Србија смета дека е под безбедносна закана од страна на неколку членки на НАТО, кои меѓу другото сакаат и формално да го интегрираат Косово во НАТО: Србија сè уште го смета Косово за дел од нејзината територија. Затоа остварува тесна воена соработка со членка на НАТО и ЕУ (Унгарија), се вооружува со кинески ракети, а во мај ќе одржи заеднички вежби со Алијансата насловени „Платинест волк“. Официјален Кремљ тоа го толкува како притисок врз Белград да заземе антируски став.

„Загрозената“ Србија – најголем купувач на оружје во регионот?

Не се само кинеските суперсонични ракети со брзина која достигнува до 4,5 маха, дострел до 400 километри и носивост на боева глава до 200 кг. единственото спорно прашање за „малата трка“ во вооружување во регионот.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ посочи дека не само што Кина ѝ продала оружје на Србија, туку и Израел системски ѝ помага да ја засили својата воена моќ. Според него, Израел ѝ продава опасни офанзивни системи на Србија и учествува во нивната интеграција.

Во последните пет години, Србија увезе најмногу сложено оружје во регионот на Западен Балкан, покажуваат најновите податоци од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), се вели во анализата на „Дојче веле“.

Според податоците на овој Институт, Србија е на 37-мо место во светот по увоз на сложени системи за оружје, позиционирана дури и пред некои членки на ЕУ во регионот, како Хрватска и Бугарија.

Во последните пет години, Србија увезла сложени системи за оружје од 13 различни земји. Најголем снабдувач била Кина, првенствено благодарение на набавката на системи за воздушна одбрана со среден дострел, додека најголеми донации дошле од Русија и од Белорусијапишува „Дојче веле“.

Според проценките на СИПРИ, Албанија е втора во регионот, а на 103-то место во светот според обемот на увезено оружје, кој е околу шест пати помал од оној на Србија. Косово е на 118-то место, С. Македонија на 138-мо место, Босна и Херцеговина на 144-то место, а Црна Гора на 152-ро место меѓу вкупно 166 приматели на комплексно оружје во светот, наведува медиумот.

Споредбената ангажираност во купување ново оружје најсликовито може да се види и во следното видео:

Павле Трајанов, поранешен долгогодишен функционер во безбедносните служби и министер за внатрешни работи, сега актуелен национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, вели дека сведочиме на психолошка војна, пренагласување на воените капацитети и вооружување, конспирации за наводни воени судири и прекројување на граници.

Ништо од тоа нема да се случи. Сѐ зависи од самите нас, но и од фактот што повеќето балкански држави се членки на НАТО и аспиранти за влез во ЕУ. Во овие процеси се нагласува и руското вмешување, но тоа не е пресудно, затоа што ЕУ, но посебно САД, тоа нема да го дозволат.  Македонија е мирна и стабилна држава  со целосна усогласеност на нашата надворешна и безбедносна политика со политиките на ЕУ и со силни релации со САД, како наш стратешки партнер и гарант за непроменливост на границите на Балканоттврди Трајанов.

Можеме да заклучиме дека дезинформациските наративи што ги шири Србија подолго време – тврдејќи дека Декларацијата на Хрватска, Албанија и Косово за заемна воена соработка е безбедносна закана за нејзината територија од највисок степен – ќе кружат низ регионот, барајќи и нови непријатели, сè додека не биде разрешена нејзината внатрешнополитичка ситуација. Дотогаш е сосем извесно дека наводната загрозеност од страна на некои соседни земји ќе биде изговор за купување оружје и софистицирана воена опрема.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press