Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вчера откри планови за отворање на нов владин центар за одговор на сајбер инциденти, финансиран со 1,5 милиони евра, делумно обезбедени од Европската Унија. Целта на центарот е институциите да бидат поотпорни на растечкиот бран на сајбер закани и напади.
„Овој центар ќе ни овозможи реална слика за тоа што се случува во сајбер безбедноста и ќе го зајакне капацитетот на институциите да реагираат брзо и ефикасно“, истакна Андоновски.
Министерот потенцираше дека глобалните промени и брзиот развој на вештачката интелигенција создаваат притисок врз домашниот ИТ сектор, кој не бележи повеќе раст како во периодот 2021-2023 година. Поради затворање на пазари во западна Европа и влијанието на новите технологии, приватниот сектор сега значително го намалил темпото на вработување, а многу ИТ професионалци се принудени да прифатат минимални плати. Во вакви услови, интересот за работа во државната администрација се зголемува.
Андоновски, кој ќе биде дел од македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави во Вашингтон следната недела, нагласи дека станува збор за клучен дипломатски и стратешки процес. „Македонија ќе биде единствената европска држава која годинава ќе одржи втора сесија од Стратешкиот дијалог. Очекувам конкретни резултати кои ќе ја подобрат заштитата на граѓаните, ќе ја унапредат економијата и ќе ја зајакнат соработката меѓу институциите“, рече тој.
Министерот предупреди дека сајбер нападите денес се сè почесто користат како средство за асиметрично војување, насочено кон критичната инфраструктура, од здравство и образование до други клучни области. Овие закани, подвлече, доаѓаат и од државни, но и од недржавни актери, што дополнително ја зголемува важноста на новиот центар и стратешката соработка со меѓународни партнери.
