Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ го одобрија почетокот на преговорите за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ го одобрија почетокот на преговорите за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан, односно со Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија, потврдено е денес неофицијално од Советот на ЕУ, пренесува „Н1“.

Според најавите, Советот на ЕУ утре формално ќе ја усвои одлуката, по што ќе можат да започнат преговори со секоја земја од регионот поединечно, пренесе Радио Слободна Европа.

Од кипарското претседателство со ЕУ порачаа дека силно го поддржуваат европскиот пат на Западен Балкан.

„Проширувањето на зоната без роаминг е јасен знак на нашата посветеност кон регионот. Со нетрпение го очекуваме формалното усвојување на одлуката со која се одобрува отворањето на преговорите за договорите“, изјави портпаролот на кипарското претседателство.

Европската комисија во февруари годинава предложи укинување на роамингот за Западен Балкан.

„Роаминг како дома“ се применува во земјите-членки на ЕУ и земјите од Европскиот економски простор. Во јануари оваа година регулативата беше проширена и на Украина и Молдавија, иако тие земји не се членки на ЕУ.

Европските претставници очекуваат преговорите да бидат завршени до крајот на оваа година.

Како што наведува Радио Слободна Европа, во идеален случај роамингот меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ би можел да биде укинат веќе следната година, но европските претставници нагласуваат дека сè зависи од подготвеноста на земјите од регионот да напредуваат во тие преговори.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press