Речиси 5.000 деца чекале место во градинка минатата година

Повеќе од 79.000 деца на возраст од 0 до 6 години во Македонија не се опфатени со предучилишно воспитание и образование, покажуваат податоците презентирани на конференцијата „Ран почеток, трајни придобивки – градинка за секое дете!“, организирана со поддршка на УНИЦЕФ.

Според анализата за иновативни модели на финансирање на предучилишното воспитание и грижа, државата ќе треба да обезбеди околу 19.000 нови места во градинките за да ја достигне целта до 2032 година – 65 проценти од децата да бидат опфатени со предучилишно образование.

Побарувачката веќе значително ја надминува понудата. Само во 2025 година речиси 5.000 деца биле на листите на чекање за упис во градинка. Дополнително, постојат големи разлики меѓу општините, при што во некои средини опфатот е висок, додека во други е под 10 проценти или воопшто нема запишани деца.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, истакна дека Министерството работи на проширување на капацитетите преку изградба и реконструкција на објекти, но и преку алтернативни модели за згрижување на децата.

Тој најави и можност за воведување ваучери за децата од ранливи семејства и за оние кои се на листите на чекање, со што би можеле да посетуваат приватни градинки.

Анализата покажува дека сегашниот систем, кој главно се потпира на јавни средства, не може доволно брзо да одговори на потребите. Во моментов само 7 проценти од децата посетуваат приватни градинки, а ретки се и примерите на компании кои обезбедуваат вакви услуги за децата на своите вработени.

Како решение се предлага комбиниран модел што ќе ги вклучи јавните инвестиции, приватните градинки и работодавачите. Според проценките, до 2032 година би можеле да се отворат околу 13.500 нови места во приватниот сектор и дополнителни 5.300 места во јавните градинки, со цел услугите да станат подостапни за сите семејства.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press