Зголемена фреквенција на возила на Богородица, Дојран и Табановце

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија утринава се одвива непречено и по суви коловози, но на граничните премини Богородица, Дојран и Табановце е забележана зголемена фреквенција на возила.

Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека времето на чекање за влез и излез од државата на овие три гранични премини изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.

Според утринскиот извештај на АМСМ, интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е умерен, а коловозите се суви и проходни.

Во функција е и сезонскиот режим на сообраќај на патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица. Делницата е целосно отворена за движење за сите моторни возила со вкупна маса до 3,5 тони.

АМСМ апелира до возачите на внимателно управување со возилата поради можност од појава на одрони, особено на патиштата што минуваат низ клисури, речни долини и котлини.

Најголема претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде што е можна појава на одрони. Од АМСМ потсетуваат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press