Над 160 здравствени работници од различни делови на Македонија ќе бидат опфатени со специјализирани обуки насочени кон препознавање, спречување и пријавување на коруптивни појави во здравствениот систем.
Во програмата ќе учествуваат лекари, акушери и медицински персонал, кои преку едукативни сесии ќе ги унапредуваат своите знаења за професионалната етика, корупциските ризици и механизмите за заштита на интегритетот во здравството.
Обуките се реализираат во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, што го спроведува здружението ЕСЕ. Пред почетокот на главните активности веќе е организирана обука за обучувачи, со цел да се обезбеди квалитетна и ефикасна едукација на учесниците.
Покрај темите поврзани со медицинската етика и спречувањето на корупцијата, програмата опфаќа и содржини за родовите аспекти во здравствениот сектор, како и процедурите за пријавување на неправилности.
Од организацијата посочуваат дека здравствените работници се меѓу најважните чинители во создавањето транспарентен и одговорен здравствен систем, а нивната активна улога е клучна за намалување на корупцијата и подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите.
…
