Почнуваат 65-тите Струшки вечери на поезијата

Под мотото „Каде што живее поeзијата“ од денеска до 29 јуни ќе се одржи јубилејното 65-то издание на најпрестижната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата.

Покровител на Фестивалот е претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.

Традиционално, манифестацијата ќе започне со садење дрво и поетско читање во чест на добитничката на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, Анеке Брасинга од Холандија во Паркот на поезијата (10:00 часот), а во 12:30 часот ќе се одржи прес-конференција со лауреатот.

Свеченото отворање на јубилејното издание на Струшките вечери на поезијата е во 20:30 часот во Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, по што ќе следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Во рамки на фестивалот ќе биде отворена и изложбата „Цвеќе, поезија, мир“ на македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин, со која ќе одбележи 40 години учество на Струшките вечери на поезијата.

Годинашното фестивалско издание подигнато на едно повисоко организациско ниво, ќе трае ден подолго од претходните години и го враќа форматот на професионален фестивал.

Програмата опфаќа меѓународни поетски читања и промоција на 12 публикации од издавачката дејност на Струшките вечери на поезијата, меѓу кои и луксузната тријазична монографија (холандски, македонски и англиски) со избор од творештвото на добитничката на „Златен венец“ за 2026 година, холандската поетеса Анеке Брасинга.

Предвидени се и поетски читања на авторите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, портрет на минатогодишната добитничка на ова признание, Јулијана Величковска, како и промоциија на книгите од едицијата „Плејади“ и книгата „Венецоносци – разговори на брегот“ од Диме Ратајкоски, која содржи со интервјуа со добитниците на „Златен венец“ и други истакнати поети што биле дел од фестивалот во периодот од 2012 до 2018 година.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press