Стоечки овации за Ана и Игор Дурловски на „Охридско лето“

Македонската музичка традиција во своето најавтентично и најемотивно издание синоќа одекна на сцената Долни Сарај, каде во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапија врвните уметници Ана и Игор Дурловски, придружувани од Оркестар „Ајга“.

Пред бројната публика, која со долг аплауз ја поздравуваше секоја изведба, беа оживеани некои од најубавите бисери на македонското музичко наследство, во нови оркестарски аранжмани на Сони Петровски. Концертот понуди внимателно осмислена музичка програма во која се испреплетоа традицијата, емоцијата и современиот сценски израз, создавајќи вечер исполнета со силни уметнички доживувања.

„Ова е дел од нас, дел од нашата душа, дел од нашата култура – дел од нашиот идентитет како уметници. Станува збор за прекрасен проект кој е навистина уметнички издржан. Не само што нè исполнува како Македонци, туку нè исполнува и како уметници. Наша обврска и задача е секој македонски уметник да ги негува и изворното творештво и современата музика, која еден ден ќе стане дел од нашето историско и културно наследство. Тоа, во секој случај, треба да биде составен дел од програмата на секој македонски уметник“, вели Ана Дурловски.

Публиката уживаше во безвременските песни „Си заљубив едно моме“, „Ленка Пингова“, „Што да правам, што да чинам“, „Нели ти реков моме Донке“, „Ој ти момче Охриѓанче“, „Невеста жито требеше“, „Дејгиди луди млади години“, „Излегу да се мамо рашета“, „Кажи Анѓо“, „Стојне бре Стојне“ и „Назад, назад Калино моме“, кои во интерпретација на Ана и Игор Дурловски добија нов сценски живот.

„Размислувавме долго и на крајот дојдовме до заклучок дека „Македонски љубовни песни“ е најсоодветниот наслов за овој проект. Во почетокот тој го носеше работниот наслов „Песни од срцата“. Изборот на репертоарот беше навистина тежок, затоа што при истражувањето на македонските архиви увидовме дека преовладуваат песни со потешка тематика, а љубовните песни се значително помалку застапени. Сепак, се обидовме да ги одбереме најромантичните, најубавите и најмелодичните, и верувам дека направивме одличен избор“, вели Игор Дурловски.

За Ана и Игор Дурловски, настапот на „Охридско лето“ секогаш претставува посебна чест и големо задоволство. Тие нагласуваат дека фестивалот има значајно место во нивните уметнички кариери и дека секое враќање на неговите сцени претставува вистинска привилегија.

Концертот покажа дека македонската музичка традиција може да добие современ сценски израз, без да ја изгуби својата автентичност. Оркестар „Ајга“ со внимателно обликувана изведба и новите аранжмани внесе свежина во познатите мелодии, задржувајќи го нивниот препознатлив дух.

Во единствениот амбиент на Долни Сарај, под отвореното охридско небо и покрај брегот на Охридското Езеро, концертот прерасна во вистинска прослава на македонската музичка култура. Публиката со стоечки овации и долг аплауз им се заблагодари на уметниците за исклучителната вечер, која ќе остане едно од највпечатливите музички случувања на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press