„Кармен свита“ и „Болеро“ – современа интерпретација на балетската класика на репертоарот на „Охридско лето“

На репертоарот на „Охридско лето“ синоќа се одиграа балетските претстави „Кармен свита“ и „Болеро“ од Жорж Бизе и Морис Равел, во изведба на маестралните уметници од Опера и Театар „Мадленијанум“ од Србија, а во кореографија на Александар Илиќ.

„Кармен свита“ адаптирана според Бизеовата опера „Кармен“ ја долови стравствената приказна за Кармен, симболот на слободата и судбината, а „Болеро“ во вториот дел од вечерта донесе динамична кореографија полна со драмски тензии. Енергијата што се чувствуваше во салата на Центарот за култура „Григор Прличев“ уште еднаш потврди дека јазикот на театарот и воопшто на уметноста немаат граници.

Идејата за настанување на овие две балетски претстави е на поранешниот уметнички директор на Операта и театарот „Мадленијанум“ Никола Мијаиловиќ со цел да се одбележат 150 години од раѓањето на Морис Равел и 150 години од смртта на Жорж Бизе. Оваа година почина и Родион Шчедрин, така што претставите ги слават токму овие тројца големи уметници.

Кореографот Илиќ, класичните музички дела ги поставува во современ контекст, спојувајќи ја виртуозната игра, силната драмска експресија и авторски препознатливиот кореографски израз.

-Оваа претстава носи спектакуларна танцова верзија на двете дела, „Кармен“ и „Болеро“. Според мене, секако „Кармен“ е една од најубавите музички партитури, а исто така и „Болерото“ од Равел. Сакам да кажам дека се работи за две потполно различни продукции. „Кармен свита“ е правена во еден неокласичен стил кој носи класика и сè што навистина е кореографски јазик за класичен балет. „Болерото“ е правен на еден потполно современ кореографски вокабулар, појаснува Илиќ.

Современата игра, според него, бара дијалог со публиката, просторот и времето.

-Сметам дека современата игра е можеби единствена гранка во уметноста која најбрзо се развива од сите останати уметнички гранки, нешто слично како технологијата. Во денешно време кога зборувате за современа игра, таа отишла толку далеку што сè е возможно. Кога ги споменувам овие три фрази мислам на тоа дека е важна партиципацијата на публиката во сите претстави. Тоа вечерва го почувствува и публиката на „Охридско лето“. Дали претставата е наративна или не, не е воопшто прашање, туку работата е како можете да допрете до гледачите, да ја почувствувате не само играта на уметниците, туку и текстурата на претставите која секако е во синергија со музиката, појаснува Илиќ.

Опера и театар „Мадленијанум“ за балетите „Кармен свита“ и „Болеро“ е добитник на бројни признанија од српските стручни здруженија и фестивали.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press