Саудиските власти соопштија дека дронови лансирани од Ирак довеле до привремено затворање на клучната рута за извоз на нафта, која се користи за заобиколување на блокадата на Ормускиот теснец, пренесува „Гардијан“.
Ријад ја зголеми употребата на нафтоводот исток-запад, кој го поврзува Абкаик, во близина на Заливот, со пристаништето Јанбу на Црвеното Море, откако започна војната на Блискиот Исток, со цел да го заобиколи Ормускиот Теснец, кој е затворен од Иран.
Саудиското Министерство за надворешни работи го осуди „таргетирањето на нафтоводот исток-запад во регионите Ријад и Медина со неколку дронови кои доаѓаат од Ирак, при што се повредени луѓе и е предизвикана материјална штета“.
„Нафтоводот беше запрен како мерка на претпазливост, а во нападите има и повредени“, изјави претходно претставник на Министерството за енергетика за саудиската новинска агенција СПА.
Сателитските снимки од податоците на „Коперник Сентинел“ покажаа црн чад како се издига во близина на Медина, долж приближната траса на нафтоводот Исток-Запад, кој ја транспортира саудиската нафта до брегот на Црвеното Море.
Веста доаѓа во момент кога јеменските сили на Хутите го зазедоа стратешкиот остров Перим во теснецот Баб ел-Мандеб, проширувајќи ја својата контрола врз тесниот воден пат, кој е една од најважните светски поморски транспортни рути.
Кабинетот на ирачкиот премиер Али ал-Заиди потврди дека нападот потекнувал од територијата на Ирак и соопшти на Икс дека командантот задолжен за јужната провинција Мајсан бил разрешен.
