ШТИП: пастрамајлија долга над два метри ја отвора пастрмајлијадата

Штип, 16.09.2026

Два метри и 10 сантиметри ќе биде долга штипската пастрмајлија со која ќе се отвори манифестацијата „Штипска пастрмајлијада“. За неа е задолжена пекарата на Николче Малинов кој вели:

„За подготовка на џиновската, досега најголема пастрмајлија во историјата на оваа манифестација потребни се околу 17 килограми свежо свинско месо, четири литри зејтин и 20 килограми брашно. На подготовката и транспортот до бината за свеченото отворање на пастрмајлијадата ќе бидат ангажирани пет лица“, вели Малинов.

Според Малинов џиновската пастрмајлија ќе се пече околу 35 минути, во зависност од температурата на печката. Мајстор Малинов додава дека нивната печка е приспособена за тоа, дека пастрмајлијата ќе се пече во еден дел, а не на парчиња.

Инаку, манифестацијата „Штипска пастрамалијада“ која е во чест на најпознатиот штипски гурмански производ, годинава ќе се одржи на 18 и 19 септември на две локации, на шеталиштето „Ванчо Прќе“ и на Градскиот стадион, каде што ќе има концерти, а главна ѕвезда на 19 септември е Жељко Јоксимовиќ,  пред него ќе настапат македонските пејачи Јован Јованов и Елвир Мекиќ.

Одлучено е цената на штипската пастрамајлија годинава да изнесува 250 денари, а за закуп на штандови се пријавени повеќе од 30 угостители, со цел специјалитетот да биде достапен за што поголем број посетители.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе