Европската комисија сака да се осигура дека нема да се повтори случајот со Виктор Орбан меѓу следната генерација земји-членки на ЕУ, додека ги подготвува плановите за проширување на блокот кон Источна Европа во наредните неколку години. Во интервју за „Гардијан“ и други европски весници, европската комесарка за проширување, Марта Кос, претстави предлози за посебни заштитни механизми кои би го штителе блокот од лидери што би можеле да ги прекршат демократските вредности и да го блокираат процесот на одлучување – модел на однесување што за многумина е олицетворен во ликот на поранешниот унгарски премиер.
„Не смее да има повеќе Виктор Орбан“, рече Кос. „Мораме да имаме побрзи механизми од само членот 7, санкција што овозможува суспензија на правото на глас на земја-членка, доколку новите членки дејствуваат спротивно на владеењето на правото, демократијата или нашите вредности.“
Според плановите што Кос ги објави во вторникот, секоја нова земја-членка на ЕУ би подлежала на пробен период од 15 години, во текот на кој би можело да ѝ се одземе правото на глас или пристапот до фондовите на ЕУ поради кршење на основните демократски вредности или на лојалноста кон ЕУ, односно принципот на искрена соработка. За овие планови ќе треба да се усогласат земјите-членки на ЕУ.
Членот 7 од Договорот за ЕУ им овозможува на земјите-членки да го одземат правото на глас на земја-членка што отстапува од правилата, поради сериозно и постојано кршење на демократските вредности. Сепак, оваа таканаречена нуклеарна опција никогаш не била активирана, и покрај долгите дискусии за назадувањето на демократијата во Полска и Унгарија за време на претходните влади.
Крајната санкција никогаш не била применета, главно затоа што двата сојузници од Централна Европа го користеле своето право на вето за да се заштитат еден со друг.
Според новите предлози, прагот за суспензија на правото на глас – или изрекување друга казна – поради кршење на демократските стандарди, би бил понизок. Претставник на ЕУ изјави: „Ова е голема новина и важна порака до граѓаните во земјите што се поскептични кон проширувањето, дека имаме многу силна рамка дури и ако нешто тргне наопаку по проширувањето.“
Сепак, официјалните лица признаа дека заштитниот механизам, кој е временски ограничен, на крајот ќе истече. „Ако заштитниот механизам би било неограничен, би дошле до ситуација да имаме членки од прв и од втор ред“, рече Кос. Повикот за построги заштитни механизми доаѓа во време на нов замав во процесот на проширување на ЕУ, при што Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се издвојуваат како предводници.
Целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година внесе нов живот во проширувањето на ЕУ – прашање што долго време беше во застој. Украина и Молдавија поднесоа барања за членство во ЕУ само неколку дена по рускиот напад; овој потег ги оживеа напорите за пристапување кон ЕУ на Западен Балкан – регион со 17,4 милиони жители каде што Русија и Кина се натпреваруваат за влијание.
Постоечките 27 земји-членки на ЕУ мора едногласно да се согласат за прием на нови членки, при што скептицизмот е особено изразен меѓу гласачите во Франција и Чешка.
Сепак, Кос изјави дека верува оти проширувањето е политички остварливо. „Земјите-членки исто така разбираат што е влогот“, рече таа, укажувајќи на борбата за влијание во Источна Европа и на Балканот. Таа ги посочи Русија и Кина како „надворешни дестабилизирачки сили кои се обидуваат да ги придобијат нашите кандидати“.
Опишувајќи го проширувањето како „наш стратешки интерес“, таа рече: „Ако не успееме да го интегрираме нашето соседство, некој друг ќе дојде [и] ќе ги искористи тие земји како оружје против нас“.
Како пример, таа наведе дека Русија инвестирала милиони во обид да ги одврати земјите од европскиот пат, спомнувајќи ги изборите во Молдавија (земја-кандидат за ЕУ) и во Ерменија (која се стреми кон поблиски врски со ЕУ). Од друга страна, таа посочи дека Кина ја користи својата економска моќ како инвеститор за да влијае врз земјите.
