Мицкоски: Целта е јасна – да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека приоритет е создавање квалитетни и добро платени работни места, подобрување на работничките права и отворање повеќе можности за младите и жените на пазарот на трудот.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Македонија треба да биде земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот, истакнувајќи дека економскиот раст мора да донесе конкретни придобивки за граѓаните.

Ова го истакна на потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, која претставува заедничка обврска на Владата, работодавачите, синдикатите и институциите за унапредување на условите за работа и заштитата на работничките права.

Мицкоски посочи дека економијата не се сведува само на бројки, статистики и проценти, туку дека зад секоја плата стои семејство, а зад секое ново работно место надеж за подобар живот.

Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочува земјата, меѓу кои недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето на младите, недоволната продуктивност и неусогласеноста меѓу образованието и потребите на компаниите.

Според него, овие проблеми бараат јасна стратегија, одлучност и партнерство меѓу сите засегнати страни.

Премиерот нагласи дека целта е создавање економија која не само што ќе расте, туку и чиј напредок ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе инвестиции, квалитетни и добро платени работни места и подобри услови за професионален развој.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе