Генерален штрајк во Шпанија поради високите кирии и недостигот на станови

Милиони луѓе низ Шпанија учествуваа во 24-часовен генерален штрајк против растечките цени на становите и кириите, објави Гардијан.  Штрајкот, кој е прв од ваков размер во последните 14 години, беше организиран од здруженијата на станари, а подоцна доби поддршка и од работничките синдикати.

Организаторите повикаа на прекин на работа во сите сектори. Според Конфедерацијата на здруженија на станари, до пладне во штрајкот учествувале околу четири милиони луѓе.

Во многу училишта и универзитети наставата била прекината. Во Мадрид, штрајкот се совпаднал со протестите на наставниците, кои речиси еден месец бараат подобри услови за работа.

Во Барселона, демонстрантите поставиле блокади на патиштата, а на некои места запалиле и автомобилски гуми. Јавниот превоз речиси целосно запрел, а блокирани биле и важни сообраќајници, меѓу кои и автопатот АП-7. Организаторите тврдат дека на протестот учествувале 400.000 луѓе, додека полицијата проценила дека имало околу 55.000.

Во Мадрид, и покрај обилниот дожд, на улиците излегле околу 120.000 демонстранти. Имало судири меѓу полицијата и учесниците во блокадите. Во текот на вечерта, помали групи демонстранти оштетувале продавници и палеле контејнери во Барселона, по што дошло до судири со полицијата. Владините претставници соопштија дека низ земјата биле уапсени повеќе од 50 лица поради помали инциденти.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе