Н1: Српската тајна служба вршела надзор над студенти, новинари, активисти?

Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) незаконски следела и прислушувала новинари, професори, активисти, синдикалци, студенти и опозициски политичари, покажуваат документи кои изминативе денови излегоа во јавноста. Случајот отвори сериозни прашања за злоупотребата на безбедносните служби, законитоста на нивното работење и одговорноста на раководството на агенцијата, пренесува Н1.

Меѓу лицата кои биле под надзор на БИА се нашле и студенти кои учествувале во протестите во Србија. Дел од нив велат дека уште од почетокот на протестното движење се сомневале дека се следени, а објавените документи ги потврдиле нивните стравувања.

„Се покажа дека, до одреден степен, навистина сум бил цел на следење. Мислам дека ова е нешто од што се плашеше секој граѓанин во последните две години“, изјави Димитрије Стефановиќ, студент на Филозофскиот факултет во Ниш.

И неговиот колега Димитрије Димиќ од Правниот факултет во Ниш вели дека не се плашел од евентуалното прислушување, бидејќи сметал дека активностите на студентите се законски и дека немаат што да кријат.

Под таен надзор, според сопствените тврдења, бил и Радомир Лазовиќ, копретседател на опозицискиот Зеленo-лев фронт. Во неговиот случај, следењето не се ограничило само на комуникациите, туку со мерки биле опфатени и неговиот стан и автомобил.

„Човек навистина се чувствува лошо во такви моменти. Која е причината, не ми е јасно“, изјави Лазовиќ.

Тој тврди дека информациите од безбедносните структури биле користени и за медиумско компромитирање на луѓе, вклучително и преку објавување приватни комуникации и содржини.

Случајот доби дополнителна тежина откако неделникот „Радар“ објави документи за тајно следење и прислушување на опозициски политичари, новинари и обвинител од Обвинителството за организиран криминал.

Според објавените информации, под надзор се нашле и неколку ресторани во Белград. Особено загрижувачки се наводите дека следењето на новинарите било искористено како основа за прислушување и на други локации, без тие да бидат директно поврзани со лицата за кои првично биле побарани мерките.

Од Белградскиот центар за човекови права посочуваат дека одговорноста не мора да завршува во БИА, туку треба да се испита и улогата на правосудните органи кои ги одобриле мерките за следење.

Владица Илиќ од Центарот вели дека, во случајот со новинарите на „Радар“, тајното следење и снимање било спроведено врз основа на судска одлука донесена по предлог на директорот на БИА. Поради тоа, според него, треба да се испита и одговорноста на судијата кој ја донел одлуката, како и на директорот кој ја предложил.

По објавувањето на документите, новинарски здруженија, невладини организации, опозициски партии и правни експерти побараа смена на директорот на БИА, Владимир Орлиќ, кој е на функцијата повеќе од две години.

Дел од студентите велат дека и понатаму се чувствуваат следени, особено додека Орлиќ останува на чело на агенцијата.

Н1 се обратил до БИА и до нејзиниот директор со прашања дали следењето на сите лица било спроведено врз основа на судски одлуки и на кои законски основи се темелеле мерките, но одговори не добил.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе