Повеќе од 11.000 летови се одложени и откажани поради голем телекомуникациски дефект во САД

Повеќе од 11.000 летови во САД беа одложени или откажани поради голем телекомуникациски дефект кој во петокот предизвика прекин во работата на системот за контрола на воздушниот сообраќај. Иако Федералната управа за воздухопловство (FAA) ја укина забраната за полетувања по околу четири часа, надлежните предупредија дека ќе биде потребно време за целосно нормализирање на авиосообраќајот, објави Гардијан.

Американскиот министер за транспорт, Шон Дафи, соопшти дека авионите ќе полетуваат по 20:15 часот по источноамериканско време, но дека последиците од прекинот ќе се чувствуваат и во наредниот период.

Според него, проблемот започнал во 15:36 часот, кога центрите за контрола на летање регистрирале нестабилност во радарските и комуникациските системи.

„Имаме исклучително стар систем за контрола на воздушниот сообраќај. Нашите рутери беа преоптоварени со податоци, што предизвика недоследности во информациите. Поради тоа, го исклучивме системот“, изјави Дафи.

Тој потврди дека проблемот е идентификуван и дека системот повторно функционира. Во моментот кога била издадена наредбата за приземјување, во воздухот се наоѓале повеќе од 3.500 авиони.

На брифингот во Белата куќа, министерот за внатрешна безбедност Марквејн Мулин изјави дека првичната истрага не укажува на можен сајбернапад или намерна саботажа.

„Засега нема индикации дека станува збор за злонамерен напад. Во овој момент се работи за телекомуникациски прекин“, рече Мулин.

Стотици илјади патници останаа без јасни информации за своите патувања, додека терминалите беа преполни, а авионите чекаа на пистите.

И покрај повторното отворање на воздушниот простор, дел од патниците веќе ги промениле плановите и ги презакажале своите летови.

Случајот повторно го отвори прашањето за застарената американска инфраструктура за контрола на воздушниот сообраќај. Дафи и Мулин упатија повик до Конгресот да обезбеди средства за целосна модернизација и изградба на нов систем.

„На Американците им требаат одговори, јасни информации и план како безбедно да стигнат до своите дестинации“, порача гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, критикувајќи ја реакцијата на администрацијата на Доналд Трамп за време на кризата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе