Од денеска задолжителна зимска опрема: Еве какви гуми и синџири мора да имаат возачите за да избегнат казна од 45 евра
Од денеска, недела, 15 ноември 2026 година, во Македонија започнува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата. Обврската ќе важи до 15 март 2027 година, а возачите што нема да ги почитуваат пропишаните услови ризикуваат парична казна од 45 евра во денарска противвредност.
Согласно член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возилата што учествуваат во сообраќајот мора да имаат соодветна зимска опрема во текот на пропишаниот период, без оглед на моменталните временски услови.
Полицијата има овластување да врши контроли, а во законски предвидените случаи може да нареди и прекин на натамошното движење на возилото.
Каква зимска опрема мора да имаат патничките автомобили?
За патничките возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, возачите можат да ја исполнат законската обврска на два начина.
Првата можност е автомобилот да има зимски гуми на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од четири милиметри.
Зимските пневматици треба да имаат соодветна ознака, како „MS“, „M+S“, „M&S“ или симбол на снегулка на стилизирана планина со три врва.
