Млади музички уметници кои во српската музичка јавност важат за исклучителни таленти, а имаат македонско потекло, КИЦ Белград ќе ги промовира со организација на концерти во Ниш. Србија.
Најпрво, на 23 ноември во 19 часот, во Концертно-изложбениот простор на Факултетот за уметности во Ниш, концерт ќе одржат Вероника Мони Богиќ (виолина) и Никола Лекиќ (пијано).
Концертот е насловен по композицијата „Извори“ од Никола Лекиќ, напишана за виолинистката Вероника Мона Богиќ, а која премиерно беше изведена во мај годинава на Деновите на македонската култура. Делото е инспирирано од музичкото наследство на Балканот, посебно од Македонија, а тие традиционални мотиви можат да се препознаат, посебно во последниот дел од композицијата, со препознатливиот 7/8 ритам.
На програмата, освен ова дело, ќе бидат изведени уште двајца македонски композитори, Томислав Зографски со Свитата за виолина и клавир, оп.28 и делата од Давор Јовановски, „Anely“, „Clay Clouds“ и „Jovka“.
Концертот со свои обраќања ќе го отворат Деканката на Факултетот за уметности Милена Ињац и директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров.
Никола Лекиќ е композитор, диригент и пијанист чие творештво вклучува филм, театар, видео игри и концертна музика. Завршил магистерски студии по филмска музика на Музичкиот колеџ Беркли, како и основни и магистерски студии по диригирање на Универзитетот за уметности во Белград, каде што бил прогласен за најдобар студент на генерацијата. Како диригент, Никола води сесии во рамките на проектот FAME’S, а има диригирано и снимано во AIR Studios во Лондон, за некои од најголемите холивудски блокбастери.
Како композитор, Никола пишувал музика за филмови, документарци, театар, анимации, видео игри и концертни дела, на проекти низ Европа, Америка и Азија. Во моментов, тој компонира музика за две театарски претстави и работи на нови концертни дела чии премиери се планирани во Швајцарија, Србија, Шпанија и Германија. Снимал и албуми за современи уметници и учествувал во оперски продукции. Никола е добитник на 17 награди на национални и меѓународни натпревари, а една од неговите композиции е објавена во публикација издадена под покровителство на принцот Алберт II од Монако.
Виолинистката Вероника Мона Богиќ е родена во Белград, основното и средното музичко образование го стекнала во СМУ „Коста Манојловиќ“, во класата на проф. Ана Илијоска Богиќ. Дипломирала и магистрирала на ФМУ во Белград, во класите на проф. Маја Јокановиќ и проф. Марко Јосифоски. Моментално е студентка на докторски студии по виолина.
Добитничка е на бројни први награди на меѓународни натпревари, од кои ги издвојуваме: лауреат на натпреварот „Arthur Grumiaux“ 2015 (Намур, Белгија); лауреат и апсолутна победничка во сите категории на натпреварот „Охридски бисер“ 2016 (Охрид, Македонија); лауреат на натпреварот „Antonio Salieri“ 2019 (Лењјаго, Италија); наградата „Giuseppe Magnani“ за виртуозност; две специјални награди за впечатливост и темпераментни изведби на натпреварот „Rodolfo Lipizer“ 2023 (Гориција, Италија); наградата на здружението „Византија“ за исклучителен придонес во областа на уметноста, како и наградата „Доситеј“ за постигнатите резултати на натпреварите.
На 11-годишна возраст ја започнува својата прва турнеја со солистички концерти, кои се одржани во Белград, Чачак, Ваљево, Мостар, Сплит, Макарска, Трст, Копер, Пиран, Изола, Сушак, Нова Горица итн. Оттогаш настапувала во Франција, Белгија, Италија, Швајцарија, Австрија, Германија, Украина, Словенија, Обединетите Арапски Емирати, Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и други земји.
